/ Прочитано:

1.442

Историски рекорден број изданија на „Службен весник“ во 2020 година од осамостојувањето на државата

Лани ова време објавивме дека со 280-те изданија на „Службен весник“ во текот на 2019 година го достигнавме рекордниот број во историјата на државата – од 59 броја во 1991 година стигнавме до 280 во 2019 година.

Но, 2020 година, освен по пандемијата со ковид-19, сигурно ќе ја запомниме и по најновиот рекорд: не само што стигнавме до 300, туку требаше да прочитаме и да почитуваме прописи објавени во 318 броја на „Службен весник“.

Со оглед на фактот дека поголемиот дел од 2020 година го преседовме дома и не планиравме одмори, имавме време секој работен и неработен ден, освен 47 дена во годината, да читаме „Службен весник“.

Ама, Владата, по првата одлука од пролетта, во ноември ја донесе и ја објави т.н. „Одлука за ковид-мерки“, со цело име: Одлука за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CоV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, и нареди бесплатно да биде објавена и од „Службен весник на РСМ“, така што сигурно дел од „слободните“ 47 дена во 2020 година се потрошени на „совладување“ на оваа Одлука со текст од над 250 страници и 10-те нејзини измени објавени до крајот на годината.

Во 318-те изданија беа објавени 4.386 наслови на прописи, во кои не се бројат законите за ратификација на меѓународни договори и други прописи со „меѓународен“ контекст. За наши „стандарди“, беа објавени помалку нови закони – 27, плус 14 ратификации, плус 1 буџет, ама тоа е одличен резултат во година која во голем дел помина без новоизбрано Собрание. Затоа, пак, во година на вонредна состојба, беа донесени над 150 уредби со законска сила и уште голем број нивни измени. Законите за изменување и/или дополнување на законите нема да ги броиме, но за сметка на тоа ќе го споменеме Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со неговите 225 члена, со кои главно се менуваат казните/глобите за сообраќајните прекршоци.

За остатокот од прописите, според нас, вреди само да се спомене дека по 4 години без промена, во 2020 година два пати го изменивме Правилникот со рекордно најдолгиот наслов:

„Правилник за техничките и функционалните карактеристики на интегрираниот автоматски систем за управување, образецот на фискалната сметка, образец на фискално лого, документот касова сметка за сторна трансакција, формата и содржината на книгата за дневни финансиски извештаи, начинот за одобрување и продолжување на дозволата на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, начинот на одземање на дозволата за одобрување на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за производство и продажба, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите, формата и содржината на барањето за добивање овластување за вршење на контрола и проверка на функционалните и техничките карактеристики на фискалниот систем на опрема и потребната документација“.