/ Прочитано:

2.036

Истрага и пресудување на случаи поврзани со учество на странски терористички борци во Југоисточна Европа

Aкадемијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), Оддел за тероризам, кој е наменет за помош на националните правосудства на Албанија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија за јакнење на нивната стручност во борбата против новите терористички закани во Југоисточна Европа, денеска организира дводневна работилница на тема: Истрага и пресудување на случаи поврзани со учество на странски терористички борци во Југоисточна Европа.

Тероризмот е универзално препознатлив криминалитет и тешко е да се даде универзална дефиниција за поимот, поради тешкотиите во дефинирањето на целите на тероризмот, начинот на неговата примена, како и негово спречување. Особен предизвик претставуваат новите форми кои е сѐ потешко да се следат, начинот на регрутација на борците на тероризмот, како и брзиот развиток на сајбер тероризмот, беше истакнато на денешната работилница на која учествуваат судии, адвокати, јавни обвинители, претставници на МВР и на Управата за финансиско разузнавање.

Новите форми на тероризам, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска,  се повторно мотивирани од верски убедувања, но за разлика од порано, тие се посмртоносни, фанатични и попродорни од т.н. старите форми на тероризам.

„За разлика од порано, каде што терористите беа посветени на краткорочни активности за моментално постигнување на нивните политички цели, во последните години тероризмот е посветен на глобална трансформација. Доколку претходно терористите дејствувале еднократно и за моментална цел, денес нивните активности се во поглед на менување на светот во согласност со нивните фанатички гледишта, предизвикани, пред сѐ, од религиски побуди. Сегашната форма на тероризам цели кон што повеќе жртви и што поголема популаризација, дури и самореклама на нивните активности, а притоа не се избираат средства, без разлика дали станува збор за самоубиствени напади или ќе се користи оружје за масовно уништување“, посочи Арнаудовска.

Тешкотиите за откривање на тероризмот, беше констатирано на настанот, се и поради  околноста што терористите доаѓаат од  најразличен бекграунд, поаѓајќи од маргинализирани луѓе со долги криминални досиеја, не ретко и малолетници-деликвенти, па сѐ до припадници на средни и високи класи со универзитетски дипломи и интерес во области од секојдневното модерно општество.

„Новиот начин на регрутација на терористи, за разлика од порано, опфаќа следбеници со заедничко искуство и мотиви, наместо со директна и лична интеракција со други членови на групата и нејзините водачи. Инхерентниот елемент на насилство добива најексплицитни форми преку поттикнување на новите регрути на насилство, преку специјализирани кампови за обука, сè до од неодамна, најновиот вид комуницирање со публиката во вид на пренесување во живо на обезглавување и страдање на жртвите. Сѐ почесто се користи сајбер тероризмот како нова форма на поттикнување или финансирање терористички активности, особено во правец на регрутација и радикализација на младите, нудење локации за пристап кон терористички организации, како што се кафулиња, библиотеки, интернет кафулиња и слично, со креирани и насочени пораки, точно наменети до одредена возраст или одредени демографски групи и користење на е-маркетинг што игра огромна улога во психолошката обука и упатување на целните групи на насилство, преку користење на стрипови, видеа, видеоигри, квизови, преку интерактивни сајтови, каде што децата можат лесно да бидат водени до нивната цел“, истакна Арнаудовска.

Проблемот со сајбер регрутацијата и сајбер тероризмот, беше образложено на работилницата, е тоа што е речиси невозможно да се спречи, а сторителите бргу се снаоѓаат по пресретнувањето и гасењето на едната страна, или ако е отстранет, постои можност тој да се појави со нова адреса.

Поради тоа, новите форми на терористичките акти и регрутација и поттикнување изискуваат нова подготвеност и будност на органите на прогонот на интернет провајдерите, разузнавачките служби во правец на откривање на сторителите и откривање и обезбедување на доказите за сајбер криминалот, посебна специјализација и обука, како и нови национални и регионални одговори на заканите од овој тип, зголемена соработка помеѓу јавните институции и приватните компании, со цел обезбедување на доказите, ефикасна истрага и гонење на сторителите на дела поврзани со тероризам, кој вклучува странски терористички борци.

Република Македонија, во насока на усогласување на националното законодавство со меѓународните стандарди, воведе значајни промени во кривичното законодавство, со воведувањето во КЗ на кривичното дело  „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ –  чл. 322-а ќе се казни со затвор од најмалку 4 години. Измените на Кривичниот законик не предвидуваат казни за оние со државјанство на земјата во чии регуларни воени формации учествуваат или учествуваат во меѓународно признати мисии или мисии на меѓународни организации. Ова е само дел од казнената политика која има тенденција во иднина да стане и построга кога се работи за изрекување на казни за овие дела, а воедно, ќе се посвети и поголемо внимание на дефинирање на поимот непријателска страна, да се зајакне системот на национална безбедност и борбата против глобалните закани, особено тероризмот.

На денешната работилница се разменија и искуства во делот на меѓународната правна рамка, компаративните искуства во врска со делата сторени од странски терористички борци и истрагите на кривичните дела сторени од странски терористички борци. За овие теми говореа професорот Алмир Мањевиќ, професор по кривично право на Факултетот за правни науки на Универзитет во Сараево, БиХ, Шон Грифин, поранешен шеф на единицата на Европол за антитероризам и  Франческо Курчио, јавен обвинител, член на Националниот директорат на Италија  за борба против мафијата.

М.В