/Прочитано:

285

Истрага и притвор за вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица македонски државјани. Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000,00 денари.

„Имено, во периодот од јануари 2007 година до мај 2017 година, осомничените како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“ ги уништувале, без посебно одобрение од Директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1- Скопје, достави предлог за определување на мерката -притвор за осомничените“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство заради основано сомнение дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска беа спроведени три лица.

По прозинесување на лицата во однос на предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на Т.Ј. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, на С.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП и за К.Ј го прифати предлогот и определи мерки на претпазливост и тоа Одземање на патната исправа, Обврска за јавување во суд, Забрана за напуштање на живеалиштето и Забрана за вршење определени работни активности поврзани со кривичното дело“, се вели во соопштението на Кривичниот суд во врска со предметот за истрагата за четворицата вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање.

М.В