Основен суд Скопје 1: Истражниот судија во случајот Младенов постапил законски
Вторник, 2 април 2013 – Истражниот судија кој бил на местото каде се случи сообраќајната несреќа во која загина новинарот и сопственикот на весникот „Фокус“, Никола Младенов во целост постапил според законите, се огласија од Основен суд Скопје 1. „Нова Македонија“ обелодени дека на местото на несреќата и по извршениот увид имало лични предмети на Младенов за кои новинарската екипа тврди дека се пропуст на истражителите кои не ги собрале како доказен материјал. Според нивните соговорници, истражниот судија предвреме го напуштил местото на настанот и не и дал никакви инструкции на полицијата.
Од Основен суд Скопје 1 велат дека истражнот судија кој бил на лице место постапил законски, ги дал потребните наредби, го повикал јавниот обвинител да дојде на лице место и дал наредба за вештачење на возилото и за обдукција. Ставот од судот доаѓа откако во јавноста се постави дилемата зошто по извршениот увид на местото, не се собрани личните предмети на Младенов – билети од патарини, кутии со цигари, весници, за кои новинарската екипа на „Нова Македонија“ тврди дека ги нашла на лице место, неколку денови по несреќата. Екипата забележала дека на патот се уште стојат делови од автомобилот, како рачки од врати, делови од браниците, калниците, контролната табла на автомобилот и друго.
Судот сè уште не ги добил наодите од вештачењето на возилото и од обдукцијата на новинарот. Од таму апелираат јавноста да се воздржи од шпекулации за оваа трагедија сé додека не заврши истрагата.
Додека институции излегуваат со оскудни информации, медиумите се преполни со нови детали од истрагата. „Нова Макеоднија“ тврди дека истражниот судија Душан Јосифов свртел неколку кругови околу возилото во бездната, рекол дека нема искуство со вакви работи, не и дал никакви иструкции на полицијата и предвреме си заминал од местото на несреќата.
Сообраќајната незгода се случи на 26-ти март вечерта на патот Велес – Скопје, на клучката кај Хиподром, пред главниот град. Потрагата по телото на Младенов започна во средата во 9.30 часот откако неговата сопруга пријавила дека го нема. Возилото „мерцедес“ со кое управувал Младенов беше извлечено дури во средата вечерта околу 20 часот, а телото беше предадено во судска медицина за обдукција. Според првичните информации, автомобилот ја пробил банкината на патот и излетал во ендек, но сé уште нема официјални информации за причините за сообраќајката.