/ Прочитано:

1.286

Истрагата за „Транспортер“ е завршена. Одбраната на Талески најавува поднесување свои докази

Според законот, вели Додевски, покрај известувањето, на одбраната треба да ѝ бидат доставени доказите и копии од доказите и од списите на предметот бидејќи ова е прва можност на одбраната да добие примерок од копии на доказите.

Владимир Талески

Истрагата за предметот „Транспортер“ е затворена, потврдуваат од Специјалното јавно обвинителството. Во предметот „Транспортер“ како осомничени се јавуваат градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, и уште 22 лица кои се товарат дека го оштетиле буџетот на Општината за 360 илјади евра преку незаконско организирање на училишниот превоз.

Како што вели обвинителката Ленче Ристоска, во изјава за Академик, до осомничениот и до неговата одбрана е доставено известување за завршување на истрагата. Ристоска појаснува дека одбраната има рок од 15 дена, од приемот на известувањето, да го разгледа известувањето и да достави свои докази.

„Понатаму Обвинителството ги разгледува доказите понудени од одбраната и одлучува кои докази ќе бидат прифатени и дали треба да бидат преземени дополнителни истражни дејствија поврзани со новите материјали. Откако ќе заврши таа постапка, се пристапува кон изготвување на обвинение, што повторно зависи од целосното ценење на доказниот материјал“, изјави Ристоска.

Адвокатот Никола Додевски, кој го застапува Талески, вели дека вчера го добиле известувањето од СЈО .

Според законот, вели Додевски, покрај известувањето, на одбраната треба да ѝ бидат доставени доказите и копии од доказите и од списите на предметот бидејќи ова е прва можност на одбраната да добие примерок од копии на доказите.

„Ние уште вчера доставивме барање за да ни бидат доставени доказите, што и претходно го имавме побарано, и очекуваме дека во најскоро време ќе ги добиеме за да можеме да понудиме и наши докази. Она во што сме сигурни е дека ќе имаме забелешки и нови докази на понуденото вештачење кое е изработено пред повеќе од година и пол и е работено по спорна методологија. По целосно разгледување на сите материјали, ќе доставиме и наши докази“, вели Додевски.

Во меѓувреме, од Специјалното јавно обвинителство најавија жалба на одлуката за укинување на мерката куќен притвор на Талески, која ја донесе Апелациониот суд кој мерката куќен притвор на Талески му ја преиначи во мерка на претпазливост – обврска да се јавува секој работен понеделник и секој работен петок кај овластено службено лице во Основниот суд во Битола.

М. С.

Апелациониот суд му го укина куќниот притвор на Талески