/ Прочитано:

1.739

ИСТРАЖУВАЧКИ ИЗВЕШТАЈ: Какви дисквалификации толерираат судиите на рочиштата за семејно насилство

Студијата „Процена на судските постапки за случаи на семејно насилство, со посебен фокус на менаџирање на предметите од родова перспектива“ е изработена со поддршка на UN Women – Tело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, во рамките на проектот „Спречување на семејното насилство преку надлежните национални институции и одговорен и транспарентен судски систем“, спроведен од страна на Министерството за труд и социјална политика, UNDP и UN Women, финансиски поддржан од Владата на Кралството Холандија.

Истражувачки тим за овој проект е составен од Стојанка Мирчева, доцент на Факултетот за безбедност – Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Виолета Чачева, професор по криминологија и раководителка на Центарот за криминологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје и Николина Кениг, вонреден професор по психологија на Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, ангажирана во областите на психолошко мерење, статистика, методологија и психологија на мирот.

Како што се наведува во Извештајот, мислењата и ставовите искажани во публикацијата ги претставуваат мислењата и ставовите на авторите и нужно не ги претставуваат мислењата и ставовите на UN Women, ООН или на други нивни придружни организации.

Брз пристап до правда на жртвите на семејно насилство – највисока цел на судскиот систем

Според авторскиот тим, борбата со семејното насилство опфаќа три сегмента: спречување на семејното насилство, помош и поддршка на жртвите и ефикасно гонење на сторителите.

„Обврската на државните институции да преземаат активни мерки се протега на сите три сегмента. Стандардите за родово осетлив правен систем се поставени во бројни меѓународни документи и не се ограничени само на инкриминирање на семејното насилство. Напротив, воспоставена е обврска за државата да презема активни мерки за спречување и за заштита на жртвите на семејно насилство. Овозможувањето ефективен пристап што во себе вклучува безбеден и брз пристап до правда за жртвите на криминал, вклучително на жртвите на семејно насилство треба да се сфати како највисока цел на судскиот систем“, се наведува во Извештајот.

Според авторките, државата треба да обезбеди дека жртвите на семејно насилство добиваат максимална заштита, дека сите пријави за семејно насилство се целосно и брзо истражени и дека сторителите се изведени пред правдата.

„Обврската на државата, меѓу другото, подразбира дека жените жртви на семејно насилство се информирани за правата на пристап до правда, односно за безбеден и брз пристап до правда и бесплатна правна помош и обештетување. Не помалку значајна е обврската на државата за подигање на свеста и за образование и обука за родова осетливост на сите државни службеници“, сметаат тие.

Дел од извештајот е фокусиран кон состојбите во судството и тоа преку анализа на атмосферата во судницата, прашањето на трошоците, физичкото опкружување, односот на суидиите на самите судски рочишта и родовата структура на судството.

Во Извешајот се наведува дека податоците од судовите се прибирани на намерно селектиран примерок судови во Република Македонија, при што главен критериум при изборот е обезбедувањето максимална хетерогеност од аспект на месната и на стварната надлежност на судовите и статистичкиот регион на којшто припаѓа судот.

„Од вкупно 27 основни судови избрани се осум кои во рамките на својата месна надлежност опфаќаат населени места и општини кои имаат урбан, рурален или мешан карактер. Сите другипримероци се избирани во рамките на примерокот основни судови. Примерокот од судски одлуки е пригоден и го сочинуваат вкупно 101 судска одлука, донесени во избраните седумосновни суда, со што се опфатени меѓу 5-20% од сите одлуки според година на пресудување и вид на кривично дело во секој одселектираните основни судови. Поради ограниченоста во бројот, беа посматрани сите судски рочишта (вкупно 43) за кривични дела при вршење семејно насилство во периодот 20 април – 20 јуни 2013година“, се посочува во Извештајот.

Жртвите лесно да може да дојдат до објектите

Според Извештајот, релевантен показател за пристапот до правда на жртвите на семејно насилство е оддалеченоста на судот од местото на живеење на жртва од аспект на постоење јавен превоз, фреквентност на превозот и цена на превозот.

„Јасно е дека и најдобрите законски решенија, па и најефикасните институции би биле од мала помош доколку постои цел сплет од физички околности штоможе да се препречат пред жртвите во нивните обиди да добијат помош. Еден таков важен елемент е тоа колку лесно или тешко жртвите може да дојдат до објектите во кои се сместени институциите надлежни за заштита.За седумте суда кои го сочинуваат примерокот на судови, оддалеченоста на судот од местото на живеење на жртвата изнесува од 1 километар до 30 километри, фреквентноста на достапност на средства за јавен превоз (автобус, воз)се движи од секои 15 минути во текот на денот до еднаш дневно. Во поглед на трошокот за користење јавен превоз само до и назад од судот сумите се движат од 40 до 140 денари за една повратна карта. Трошокот за користење јавен превоз мора да се посматра во рамката на просечните примања на национално ниво и според статистички региони.Жртвите од руралните средини се соочуваат и со поголеми трошоци и помала можност за физички пристап до судот“, стои во Извештајот.

Само во некои судови жртвата имала непречен пристап до релативно уреден женски тоалет

Исто така физичкото опкружување било цел на мониторирање на истражувачкиот тим, што е вградено и во Извештајот.

„Физичкото опкружување на прв поглед изгледа како сосема ирелевантен фактор за тоа во која позиција се жртвите, но, ако се земе предвид дека жртвите се ранливи, често исплашени и трауматизирани, не е зачудувачки што нивната подготвеност да се спротивстават на насилството може многу да зависи и од овој фактор. Водењето (или не) сметка за пречките во физичкото опкружување штоможе да биде обесхрабрувачки за жртвите, па затоа тоа е истовремено и индикатор за родовата осетливост на институциите. Наодите од посматрањето на рочиштата укажуваат дека од еден во друг суд/судница постојат варијации кои не се небитни по добросостојбата на жртвата за време на судењето. На пример, дел од просториите се опишани како: светла, чиста и делумно чиста соба (со чист мебел, но нечист под), со одржан инвентар (мебел), широка, пространа, уредна, добро звучно изолирана, со доволно простор за странките и за јавноста. Но,има е одреден број на описи кои просториите ги прикажуваат како: темна, нечиста или многу тесна“, се констатира во Извештајот.

Понатаму, како што се соопштува, распоредот на местата за седење неретко ги соочува лиц е в лице жртвата и сторителот. „Тие може да се сретнат на многу тесен простор (во чекалниците) пред самото рочиште, а притоа мошне долго да чекаат да започне судењето. Повеќе е правило отколку исклучок, жртвата да треба да чека без придружба од официјално лице. Општото чувство на безбедност дополнително е загрозено од тоа што почнувањето на рочиштата доцни, некогаш и повеќе од еден саат, а странките се повикуваат да влезат гласно, со извикување на нивното име и презиме (во 39% од посматраните случаи, повикувањето за почетокот на рочиштето е направено со повикување на името на првообвинетиот, а во околу 18% со повикување и на името и на првообвинетиот и на оштетената страна)“, се вели во Извештајот.

Според авторскиот тим преоповареноста на судовите исто така е проблем кој не треба да се занемари. Според анализите, мнозинството рочишта се уредно најавени на листа пред судницата, заедно со времето на започнување, но податоците од посматрањето сугерираат дека преоптовареноста на судовите.

„Ова е веќе ноторно позната состојба се рефлектира и на третманот на случаите на семејно насилство. Имено, за најголем дел од нив се оставени 30 минути (во околу 60% од посматраните рочишта за кои е доставен овој податок), постојат и случаи каде предвиденото време е само 10-15 минути, а има и случаи на преклопување на две судења во ист термин. Интересен детаљ за физичкото опкружување е и тоа дека, на пример, само во некои судови жртвата би имала непречен пристап до релативно уреден женски тоалет. Уште почудно е што во ниту еден од посматраните судови нема да се наиде на какви било информации за тоа каде жртви на семејно насилство може да се обрататза дополнителна помош (како, на пример, телефон за некое советувалиште за жртви, СОС телефон), што упатува на потребата за поголемо залагање на релевантните институции (ЦСР, невладините организации) за соработка со судовите со цел да се озбезбедат што е можно повеќе информации за можностите кои се на располагање и на овој начин“, се потенцира во Извештајот.

Се толерираКако кокошка сè ти гракаш

Истражувачкиот тим информира дека наодите од посматрањето на самиот процес на судење индицираат дека атмосферата варира од крајна неосетливост за состојбата во која се наоѓа жртвата и за тоа колкава е асиметријата во моќта меѓу неа и строителот, до висока емпатичност за потребите и позицијата на жртвите.

„За неосетливоста кон родовата димензија зборуваат неколку следени индикатори во текот на судењето. Евидентирано е дека во текот на неколку рочишта биле толерирани дисквалификации на оштетената поврзани со нејзината родова улога (на пример, „Ништо не фаќа дома, само се лакира“, или „Не фаќа ништо по дома, не ѝ текнува да ме разбуди, сам си ставам да јадам, сам си го спремам креветот, и ќерката е како неа, ништо не фаќа“,), била дозволувана непречена употреба на родово стереотипни навреди (на пример, „Со жена сите се карат такви се жените“, „Како кокошка сè ти гракаш“, „ Се праве госпоѓа, десет пати ја молам како кралица да се врати дома луда“, „Мене ќе ме прашаш ако сакаш да излезаш ако ти дозволам, јас сум маж јас ќе ти кажам што ќе правeш, мене ќе ме слушаш“,„Ти си жена не маж, неспособен леб да донесе дома“ ), па дури се дозволувале и закани упатени кон оштетената (пример, „Ќе видаш ти дома, ако те удрам ќе осетиш“, „Дома ќе видиш, ајде кажи па ќе видиш“). Освен тоа, забележани се и обиди за емоционална манипулација со мајчинство на жртвите“, се вели во Извештајот.

Како што е наведено во Извештајот,  тимот на посматрачи известил за случај во кој обвинителот ја прашува оштетената која трпи тешко физичко насилство дали таа сака мажот ѝ да оди во затвор, со оглед на тоа дека имаат пет деца и дека после тоа не би имало кој да се грижи за нив. Крајна неосетливост е забележана во два случаи каде жртвата и насилникот се од различна етничка припадност.

„Посматрачките имаат споделен впечаток дека во овие случаи судиите се однесуваат кон оштетените небаре насилството е заслужено. Забележани се и инциденти на директна стереотипизација од страна на судијка која го споделила со посматрачките впечатокот дека оштетената во конкретниот посматран случај е многу доминантна и дека затоа, не секогаш жените жртви имаат потреба од поддршка. Дури, сугерирала и дека поддршката мора да се дава во соодветна мерка, бидејќи некои од жртвите „мислат дека целиот свет стои зад нив“. Инаку, оштетената е релативно млада девојка која покренала постапка затоа што била толку претепувана, што како последица од насилство од партнерот претрпела сериозни последици по физичкото здравје. Иако овој случај не може да се смета за репрезентативна илустрација на целокупната атмосфера, тој јасно сугерира дека постои можност судењата да се водат во крајно родово несензитивна атмосфера“, се наведува во Извештајот.

Релативно избалансирана родова структура

Авторскиот тим констатира дека Половата структура на судиите во основните судови е релативно балансирна и може да биде битен показател за односот на една институција кон прашањето на семејното насилство. Според податоците добиени од Судскиот совет на РМ за половата структура на судиите во судовите на Република Македонија, во март 2013 година 42% од сите судии во основните судови се мажи, додека 58% се жени.

„Ваквата полова структура на релативно балансирана застапеност на двата пола, а во прилог на жените судијки дозволува претпоставка за балансирано претставување на перспективите и на жените и на мажите, а особено при постапувањето со жртви на семејно насилство кои доминантно се жени. Но, кога станува збор за родово засновано насилство какво што е семејното насилство, мора да се се има предвид дека судијките и судиите се дел од актуелната општествена реалност и ги живеат општествено доделените родови улоги во јавниот и во приватниот живот. Оттука, иако половата структура е важен предуслов, не постои гаранција дека полот автоматски ќе обезбеди родова сензитивност, во отсуство на систематско преиспитување на традиционалните ставови и вредности“, стои во Извештајот.

Истражувачкиот тим е на мислење дека дефинирањето на ставовите за улогите на мажот и на жената се специфични и променливи, но на определен културен и општествен простор и време, а не според определена професија.

“Влијанието на опкружувањето во дефинирањето народовите улоги во семејството и во сфаќањето за семејното насилство може да се идентификува во следната изјава на една судијка која вели дека проблемот е „прво би рекла во менталитетот и општеството, па после системот“, ги резимира Извештајот за состојбите во судството, поставувајќи го менталитетот како едно од централните прашања.


 Објавено: 16 април 2014

Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk