/ Прочитано:

1.178

Истражување: Антикорупциските политики и механизми во општините

НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“, финансиски поддржан од УСАИД, спроведе истражување/ мапирање на политиките, механизмите и практиките за борба против корупцијата на општините во Република Северна Македонија. Ова истражување ги опфати сите општини, како и Градот Скопје. До сите општини и Градот Скопје беа доставени барања за пристап до информации од јавен карактер. Одговори и документи доставија вкупно 68 или 84% од вкупниот број општини во државата.

Клучни наоди

Општините во земјава, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни. Има општини кои дури и не знаат дека имаат усвоено антикорупциски документи, како и општини кои имаат и практикуваат одредени антикорупциски правила, но не ги препознаваат како такви. Покрај изработка, усвојување, воведување и спроведување на конкретни антикорупциски политики и механизми, се чини дека е потребна и масовна едукација на локално ниво за етичките стандарди, како и за препознавање, контролирање и управување со судирот на интереси и за спречување на корупцијата.

Дури 70% од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето од општините кои имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата, овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани. Неколку општини на своите интернет-страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години.

Само четири општини одговориле дека имаат некаков конкретен механизам за пријавување корупција. Само четири општини одговориле дека во последните две години имале случаи на пријавување на постоење конфликт на интерес. Само 5% од општините имаат акт за прием на пријави од укажувачи, а само 7% имаат назначено лице за прием на пријави од укажувачи.

Само една општина навела дека во последните две години реализирала обуки за интегритет или за спречување на корупцијата за функционерите или за администрацијата. Неколку општини имаат усвоено стратегии за управување со ризиците кои во себе содржат определени антикорупциски елементи и механизми, но според одговорите, тие не се препознаваат како такви. Само неколку општини ги ставаат антикорупцијата и интегритетот како клучни заложби и цели во своите највисоки стратешки документи (на пример, Струмица, Велес, Гази Баба).

Во 2019 година, ДКСК често разгледувала случаи за спречување корупција и судир на интереси на локално ниво. Од вкупно 24 седници, ДКСК на дури 22 седници разгледувала пријави, претставки или иницијативи кои се однесувале на градоначалници, членови на општински совети или вработени во општините. ДКСК отворила вкупно 65 предмети, а половината од нив ги отфрлила поради неоснованост или недостиг од податоци. Дури една третина од најсериозните прекршувања за кои ДКСК повела иницијативи за поведување постапки за кривично гонење или за утврдување одговорност во делот на спречувањето на корупција, се однесуваат на локално ниво.

 Препораки

 Приоритетни мерки кои им се препорачуваат на општините се: (1) Изработка, усвојување и објавување на декларација во форма на документ за борба против корупцијата и судирот на интереси во општината, т.н. политика на интегритет; (2) Воспоставување механизам (систем) за пријавување неправилности и сомнежи за измами или корупција (како телефонски број, адреса за електронска пошта, итернет-платформа за анонимно пријавување и сл.), проследено со соодветна процедура; (3) Назначување, овластување и јавно објавување на лице (и/ или канцеларија) за постапување по неправилности и сомнежи за измами или корупција; (4) Назначување, овластување и јавно објавување на лице за заштитено внатрешно пријавување; (5) Изработка и објавување на процедура за заштитено внатрешно пријавување; (6) Назначување, овластување и јавно објавување на лице (повереник) за етика/ интегритет; (7) Назначување, овластување и јавно објавување на лице за посредување со информации, како и на начинот на пристап до информации од јавен карактер; (8) Вклучување во овие механизми или нивно пренесување и на институциите што се во надлежност на општините, пред сè, локалните јавни претпријатија.

Краткорочните мерки се однесуваат на сите оние механизми што треба да ги воведат и практикуваат општините, но за коишто се потребни соодветни подготовки или се потребни повеќе време и средства за нивна изработка и ставање во функција. Од овој аспект, на општините им се препорачува: (1) Проактивно објавување на сите информации што произлегуваат од нивното работење, а во согласност со обврските од членот 10 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер; (2) Назначување, овластување и јавно објавување на лице за координирање на процесот за управување со ризици;  (3) Наоѓање начини и форми за воспоставување, одржување и интензивирање на комуникацијата и соработката меѓу општината и Државната комисија за спречување на корупцијата;  (4) Изработка на план за спроведување обуки за интегритет и спречување на корупцијата и судирот на интереси за администрацијата и за функционерите.

Среднорочните мерки се однесуваат на посложените форми и механизми на антикорупција и интегритет за кои се неопходни поголеми подготовки, средства и време за изработка и примена. Како среднорочни мерки што можат да им се препорачаат на општините се: (1) Одлука за воведување систем на интегритет заснован на првично усвоената декларација за борба против корупцијата и судирот на интереси во општината, т.н. политика на интегритет, што ќе се темели на воспоставување  систем на вредности, ставови и активности на локалната самоуправа кои овозможуваат придржување кон законите, кодексот на однесување и етичко однесување и работни практики;

(2) Спроведување на фазно градење на системот на интегритет преку дефинирање на рамката, проценка на ризиците од корупција, управување со ризиците и мониторинг и ревизија на системот; (3) Ако веќе постои, усогласување на стратегијата за управување со ризици изготвена согласно Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, со системот за интегритет или антикорупциската политика на општината; (4) Спроведување континуирани обуки за интегритет и за спречување на корупцијата за администрацијата и за функционерите; (5) За оние општини што веќе имаат стратегии за управување со ризиците кои во себе содржат определени антикорупциски елементи и механизми за унапредување на интегритетот на вработените, се препорачува ревизија и и нивно одново формулирање, за да се прилагодат на новиот контекст, состојби, регулатива, проблеми и др.

Целосниот текст на истражувањето „ Антикорупциските политики и механизми во општините“ ќе го најдете на следниов линк: http://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2020/05/Analiza-na-antikorupciskite-politiki-na-lokalno-nivo_final.pdf