/ Прочитано:

1.503

Истражување: Деца жртви на сексуална злоупотреба во Белгија

Во извештајот од истражувањето на специјалната Комисија формирана од страна на Претставничкиот дом на белгискиот Парламент се наведува дека 507 деца биле жртви на педофилија од претставници на Католичката црква во Белгија. Случаите на малолетни жртви се поднесени во четири категории: сексуална злоупотреба со употреба на сила или закани, сексуално малтретирање со употреба на сила или закани, силување и други злоупотреби. Максималната висина на надоместокот по категорија изнесувала 2.500 евра, 5.000 евра, 10.000 евра и 25.000 евра. За самоубиства, најголемата можна сума за компензација на роднините изнесувала 7.000 евра.

Невладината организација „Човекови права без граници“ го објави извештајот од истражувањето на специјалната Комисија формирана од страна на Претставничкиот дом на белгискиот Парламент во кој се наведува дека 507 деца биле жртви на педофилија од претставници на Католичката црква во Белгија.

Истражната комисија за сексуална злоупотреба и педофилија во Католичката црква е формирана пред точно 5 години, односно во 2012 година, а веднаш потоа Претставничкиот дом на Парламентот на Белгија формираше и Арбитражен центар, кој како неутрална институција ги собрал сведочењата.

Во период од 4 и пол години, односно од почетокот на 2012 до јуни 2016 година, Арбитражниот центар идентификувал и отворил 628 случаи и им исплатил три милиони евра на жртвите. Во фламанската заедница на Белгија биле обесштетени 449 лица, а во франкофонската 178. Според извештајот биле отфрлени 121 случај, бидејќи, како што е наведено, сторителот не бил свештеник.

Истражувањето покажува дека четири проценти од злоупотребените момчиња и десет отсто од девојчињата биле на возраст меѓу 8 и 11 години. Во 36 отсто од случаите, жртвите биле на возраст меѓу 8 и 11 години кога за прв пат биле злоупотребувани, а во 44 проценти жртвите биле на возраст меѓу 12 и 15 години кога биле првпат злоупотребени. Две третини од жртвите се момчиња.

Случаите на малолетни жртви се поднесени во четири категории: сексуална злоупотреба со употреба на сила или закани, сексуално малтретирање со употреба на сила или закани, силување и други злоупотреби. Максималната висина на надоместокот по категорија изнесувала 2.500 евра, 5.000 евра, 10.000 евра и 25.000 евра. За самоубиства, најголемата можна сума за компензација на роднините изнесувала 7.000 евра.

Белгиската комисија утврдила 507 случаи со финансиски надомест на жртвите, при што во 482 случаи, износот бил договорен преку процес на помирување. Вкупно 1.499.750 евра им биле исплатени на 184 жртви на силување, 1.026.251 евра на жртви на сексуално малтретирање со употреба на сила, 51.250 евра им биле дадени на жртви на сексуално малтретирање без употреба на сила и 7.000 евра биле исплатени на пет роднини на жртвите кои се самоубиле.

Во извештајот на Истражната комисија за сексуална злоупотреба и педофилија во Католичката црква се наведува дека прибраните податоци покажуваат дека овој скандал во Католичката црква, кој прв пат беше регистриран пред неколку години во Соединетите Американски Држави, сега добива на интензитет на европскиот континент.

А. Б.