/ Прочитано:

1.548

Истражување на ЦГК за изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија

Денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето „Право или политика: Изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија“.

Истражувањето е проследено со отворена база на податоци за членовите на управните и на надзорните одбори на 30 најголеми претпријатија во земјата. Дел од наодите од истражувањето се:

Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат. Тие, како основачи, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати.

Од обемното истражување, во кое беа вклучени и основачите и претпријатијата, не можеше да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори. Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови.

Како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан итн.

Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење.

Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија.

Висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Гледано на годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има Водовод и канализација – Скопје, и тоа 2,2 милиони денари, односно околу 36 илјади евра.

Истражувањето може да се преземе во целост на следниот линк.

М.В