/ Прочитано:

1.505

Истражување на ИСИЕ за јавните набавки на општините во Полошкиот Регион

Општините од Полошкиот Регион потрошиле 410.000.000 денари за јавни набавки во 2017 година

Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) од Скопје во периодот септември – декември 2018 година спроведе истражување во врска со трошењето на јавните средства во Полошкиот плански регион во 2017 година. Во рамките на истражувањето беа опфатени општините: Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуша, Теарце и Тетово. Во овој статистички плански регион живеат околу 315.000 жители.

„Од добиените податоци може да се заклучи дека во 2017 година на јавни набавки од страна на деветте општини како договорни органи се потрошени скоро 410.000.000 денари, односно 6,8 милиони евра. Најмногу средства за јавни набавки потрошила Општина Тетово, односно скоро 240.000.000 денари додека најмалку пари за јавни набавки потрошила Општина Боговиње, односно околу 5.600.000 денари.

Целта на истражувањето беше да се обезбедат примарни и секундарни податоци кои ќе послужат за оцена на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во спроведувањето на јавните набавки на општините кои припаѓаат на Полошкиот  плански регион. Паралелно со основната цел, проектот овозможи да се следат и капацитетите на општините за спроведување на постапките за јавни набавки. Во таа насока, како предмет од интерес беа земени неколку параметри, и тоа: достапност на информации на интернет-страниците на општините, процедурите за донесување, спроведување и следење на реализација на плановите за јавните набавки, како и персоналните капацитети на комисиите за спроведување на јавните набавки на овие договорни органи.

Во однос на реализацијата на годишните планови за јавни набавки може да се забележи дека голем дел од општините не успеваат да реализираат ни половина од планираното. Па така, Општина Брвеница реализирала 20% од планот за јавни набавки во 2017 година, Општина Тетово во 2017 година реализирала 35% од планот за јавни набавки, Општина Боговиње реализирала 40% од планираните јавни набавки. Најголема реализација имаат општините Јегуновце (96% од планираните јавни набавки) и Теарце (81% од планираните јавни набавки). Тоа покажува дека општините, во принцип, во планирањето вклучуваат голем број на набавки, но во текот на годината, при реализацијата на набавките општините немаат доволно средства да ги реализираат планираните набавки и поради тоа се јавува голема разлика помеѓу планираните набавки и реализираните јавни набавки. Ниту една од анализираните општини нема формирано јасен систем на следење на реализацијата, односно исполнувањето на јавните набавки.

Покрај тоа, ниедна од општините (со исклучок на општина Маврово и Ростуша, и тоа само за еден дел од огласите) во периодот од 2017 година не ги објавила огласите за јавни набавки на својата интернет-страница. На тој начин не  може да се постигне очекуваната транспарентност на општините. Исто така, општините не ги објавуваат склучените договори на своите интернет-страници. Од друга страна, скоро сите општини во најголем дел ги почитуваат своите обврски за доставувања на известувања до Бирото за јавните набавки. Но, со оглед на фактот дека интернет-страницата на општината е првиот контакт на граѓаните со општината, а се со цел постигнување на транспарентност препорачливо е да се објавуваат овие известувања и на интернет-страниците на општините.

Друг релевантен критериум за оцена на транспарентноста на постапките за јавни набавки е бројот на понудувачи, односно фирми кои се јавиле на јавните набавки. Кога ќе се спореди националниот просек на ниво на држава од 3,33 понуди на една јавна набавка, може да се забележи дека во овој регион само две општини, и тоа Тетово (4,23 понуди во просек) и Желино (4 понуди во просек) се над националниот просек.

Oд друга страна, иако Општина Tетово има 4,23 понуди во просек, истовремено има и најмногу набавки со една понуда. Покрај Тетово, најмногу набавки со една понуда имаат и општините Врапчиште и Јегуновце. Тоа значи дека општините од овој статистички плански регион треба да вложат повеќе напори во привлекување на заинтересирани субјекти кои би учествувале на постапките за јавни набавки. Основна претпоставка е дека колку повеќе субјекти се јават во постапката за јавна набавка, толку поевтина цена би се постигнала на истата.

Во делот на базичните претпоставки, најголем дел од општините ги исполнуваат основните услови, и тоа имаат лица задолжени за јавни набавки кои положиле соодветен испит за јавни набавки (со исклучок на општините Боговиње и Брвеница) и јавните набавки ги спроведуваат комисии чиј состав се менува за секоја јавна набавка (со исклучок на општините Гостивар и Боговиње). Она што отсуства во скоро сите општини е непостоење на методологија за пресметка на проценетата вредност на јавната набавка како и отсуство на изработка на посебно образложение за потребните на набавката одделно за секоја од набавките.

Направената анализа покажа и дека во сите овие општини во сите постапки за јавни набавки спроведени во 2017 година има само една жалба. Ваквата ситуација може да нè насочи кон две толкувања или дека процедурите се спроведуваат согласно со правилата и стандардите или дека учесниците во постапките за јавни набавки немаат верба дека по нивната жалба соодветно ќе се постапува, па оттука не го користат своето право на жалба.

Ова истражување е изготвено со помош на грант доделен преку проектот ‘Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки’, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус. Неговата содржина е единствена одговорност на Институтот за стратешки истражувања и едукација, на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија“, се вели во истражувањето на ИСИЕ.

М.В