Истражување на Универзитетот Шефилд: Даночната политика основен проблем за сивата економија во Европа
Четврток, 6 јуни 2013 – Засилените прописи на пазарот на трудот, зголемување на недоверба во европските влади како и даночната несигурност, се причините многу Европејци да се насочат кон неформалниот сектор, односно сивата економија. Тоа го покажува истражувањето на Институт за економски прашања од професор Колин Вилијамс на угледниот Универзитет Шефилд во Англија. Кај нас, сивата економија тежи 30 отсто од бруто домашниот производ или, односно над 2 милијарди евра на годишно ниво.
Според истражувањето на професорот Колин Вилијамс од Универзитетот Шефилд, сивата економија достигнува до 20% од националниот доход во земјите како Шпанија, Италија, Грција и обезбедува вработување до 30 милиони луѓе во Европската Унија.
Непостојаната даночна политика на многу европски земји е во основата на сивата економија, која во одредени сектори достигна над 50% од работната сила. Секторите со најголем придонес во економијата се градежништво, туризам, транспорт, трговија и земјоделство, покажува истражувањето на англискиот професор. Проценките се дека сивата економија се движи помеѓу 20 до 30% од БДП на земјите од Јужна Европа, а 14% од БДП за оние од Скандинавија.
Во Македонија сивата или неформална економија, според последните процени на надлежните министерства, достигнува дури и до 30 отсто од бруто домашниот производ или над 2 милијарди евра на годишно ниво. Министерствата за економија и за труд и социјална политика, при презентацијата на акцискиот план за борба против сивата економија, посочија дека огромен дел од сивата економија отпаѓа на секторите индустрија и туризам.
Наспроти надлежните институции, домашните истражувања покажуваат дека сивата економија во Македонија се појавува во различни облици, најчесто со нелегално вработување, односно со непријавување и неплаќање на давачките. Освен продавачите на зелените пазари, голем дел од непријавените граѓани се ангажирани и во угостителството, градежништвото, транспортот, текстилната индустрија и слично. Понова форма на сива економија се преведувачите, професорите што држат приватни часови, обезбедување хардверски и софтверски услуги.