/ Прочитано:

2.110

Истражување во САД за конфузноста на правната професија

Големите адвокатски фирми во САД кои претходно ангажирале дури 40% од дипломираните правници ги затвориле вратите поради рецесијата и намалената побарувачка. Професорот по право на Универзитетот во Мичиген и иноватор во правната индустрија, Кенет Грејди, кој во текот на август објави колумна за тоа како правната професија понекогаш е конфузна, збунувачка, смета дека преку претставување на правното образование на поинаков начин, преку зголемување на практичната настава и обучување на студентите, адвокатските фирми во САД кои доживеале неуспех, ќе почнат повторно да успешно да функционираат.

Професорот по право на Универзитетот во Мичиген и иноватор во правната индустрија, Кенет Грејди, во текот на август објави колумна за тоа како правната професија понекогаш е конфузна, збунувачка. Тој најпрво смета дека ретко постои правник кој не е во тек со случувањата поврзани со правото и правното образование во неговата држава и дека развојот на правната професија секаде се одвива со слично темпо.

Пред сè, Грејди пишува дека рецесијата е главен виновник за стагнирањето на образовниот систем и претежно таа ги тера студентите да запишуваат разни факултети, барајќи ја својата сигурна професија која во иднина не би требало да страда од рецесии или економски кризи.

Од 2010 година, бројот на запишани студенти по право во САД опаднал за 25% и тоа понатаму предизвикало намалување на приходите на факултетите, платите за вработените на правните факултети, менување на правилата, стандардите итн. Многумина од адвокатите, а особено од редовите на професорите, биле збунети за настанатата ситуација.

Како логична последица на намалениот број студенти на правните факултети, се намалиле и приходите за факултетите, кои во просек добивале по 150.000 долари за завршување на правничкото образование. Па така, администрацијата на факултетите морала да биде намалена, се намалиле другите трошоци, платите на професорите и буџетите за одредени истражувања и проекти.

Целата образовна правна заедница останала без одговор за тоа како е можно за само неколку години да се случат толку негативни работи за правниците, студентите, професорите и вработените во правните факултети. А, сметале дека овој негативен тренд ќе продолжи и во иднина. Нивните очекувања се оствариле, па така на факултетите почнале да се примаат просечно добри ученици, така што за 45% се намалил бројот на новозапишани студенти кои биле најдобри во своите генерации.

Професорот предлага неколку решенија за тоа како да се намалат штетните последици од сето ова и смета дека со неговите предлози тие ќе се амортизираат.

Побарувачка. Реалноста е дека побарувачката за високоплатени адвокати е намалена. Големите адвокатски фирми кои претходно ангажирале дури 40% од дипломираните правници ги затвориле вратите поради рецесијата и намалената побарувачка. Тој смета дека преку претставување на правното образование на поинаков начин, преку зголемување на практичната настава и обучување на студентите, оваа ситуација ќе се промени.

Опортунитетен трошок. Трошоците за образование и понатаму остануваат високи и повеќето студенти треба да земат кредит за да го отплаќаат. Како што беше наведено претходно, просечното образование чини во просек околу 150.000 долари, а со запишувањето на факултет, студентите се откажуваат од можна заработка кога би работеле некоја друга професија. Грејди предлага да се намалат трошоците за студентите и ним да им се понуди некоја работа преку која ќе можат да бидат независни до одреден степен и полесно да го отплаќаат земениот кредит.

Подготвеност. Овој предлог е во насока на тоа студентите во текот на студирањето да се стекнат со одредени вештини кои ќе ги направат подготвени до одредено ниво за нивната идна професија, без притоа да се преокупираат само со теоретско знаење. Со практичната настава тие ќе ја совладаат и теоријата и по дипломирањето ќе бидат подготвени сериозно да пристапат кон правото и адвокатурата.

Иновација. Адвокатурата и правото се менуваат и тоа е факт. Не може денешните генерации да се водат според парадигмата од пред 50 или 100 години. Денес технологијата е напредна и таа ги менува услугите и дејностите во сите сфери од човековото живеење. Студентите и адвокатите треба да ги следат иновациите и преку соодветни обуки да бидат во тек со технологијата и иновациите, без разлика дали е од правнички аспект или од општа култура.

С. М.