/ Прочитано:

1.363

Истражување за физичкиот пристап до македонските судови

Коалицијата сите за правично судење објави истражување за физичката пристапност до македонските судови.

„Во рамките на проектот Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Република Македонија, кој е овозможен со поддршка од американскиот народ во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Коалицијата спроведе првично (пилот) истражување во поглед на физичката пристапност на 10 основни судови и нивните услуги. Податоците се добиени од страна на 16 набљудувачи на Коалицијата Сите за правично судење, кои моментално спроведуваат мониторинг на граѓански судски постапки од аспект на правниот, финансискиот и физичкиот пристап до правда во 10 oсновни судови во Р Македонија“, посочуваат од Коалицијата.

За потребите на ова истражување, исто така, беа побарани информации од јавен карактер од судовите во однос на тоа колку лица се вработени како толкувачи на знаковен јазик, дали е овозможен пристап до документи и списи на Браилово писмо и дали имаат вработено лице за контакт со лица со попреченост.

„Пет од десет судови во Р Македонија немаат лифтови кои би можеле да бидат користени од лицата со попреченост, а додека пак во три од судовите лифтовите не се функционални за користење. Првичните резултати од истражувањето покажуваат дека сите категории на лица со попреченост се соочуваат со тешкотии во поглед на пристапноста до суд и до правда, со што им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови како за сите согласно со законите и меѓународните прописи”, се вели во истражувањето, чиј целосен текст може да се преземе на следниот линк.

М.В