/ Прочитано:

1.410

Истражување за користење на маркетингот и иновациите во адвокатските канцеларии

Истражувањето е направено во соработка со „Ајгроут легал“, компанија од Хаг, Холандија, која е специјализирана за раст, за иновации, за маркетинг и за бизнис-развој на правниот пазар, кое било спроведено врз повеќе од 60 адвокатски фирми. Резултатот од тоа истражување, кое започнало во 2008 година, покажал дека големите и средни адвокатски канцеларии, во просек забележувале годишна стапка на раст од 5 %, но сепак кај дел од нив било забележано и изедначување на приходите и расходите во едната пресметковна година.

адвокат маркетинг

Според последното истражување на консултантската куќа „Бејкер Тили Берк“ од САД, адвокатските фирми се оптимисти за нивната блиска иднина и за начинот на кој тие ќе функционираат понатаму. Истражувањето е направено во соработка со „Ајгроут легал“, компанија од Хаг, Холандија, која е специјализирана за раст, за иновации, за маркетинг и за бизнис-развој на правниот пазар, кое било спроведено врз повеќе од 60 адвокатски фирми. Резултатот од тоа истражување, кое започнало во 2008 година, покажал дека големите и средни адвокатски канцеларии, во просек забележувале годишна стапка на раст од 5 %, но сепак кај дел од нив било забележано и изедначување на приходите и расходите во едната пресметковна година.

Во 2013 година, 50-те најдобри адвокатски канцеларии во светот се соочиле и со намалување на приходите, по што станало јасно дека стандардниот начин на управување и обидот за намалување на трошоците нема да доведе до поголема ефикасност. Оттогаш, иновациите во адвокатурата и развојот на бизнисот станале мошне важен сегмент во управувањето на адвокатските канцеларии и во адвокатурата воопшто.

Според стратешкиот консултант на „Бејкер Тили Берк“, Баренд ван де Кратс, се чини дека 2013 година била клучна година кога за адвокатските фирми почнал нормалниот период на функционирање. Речиси половина од фирмите учесници во истражувањето (46 %) оствариле раст на своите приходи, но сепак 19 % сè уште се соочувале со тешкотии во работењето.

Како и да е, во истражувањето тие велат дека клучни за нив ќе бидат следните две години кои ги очекуваат со нетрпение. Две третини од фирмите испитаници очекуваат дека примената на подобар маркетинг и промоцијата на нови услуги ќе придонесат за развојот на нивниот бизнис.

Иновациите во давањето на услуги поврзани со правото заземаат сè повисоко место на агендата на адвокатските канцеларии во последните неколку години. Односот на „за” и „против” воведувањето на новини во работењето е 82 % во полза на иновациите, додека 18 % од фирмите не се согласувале со тоа и тие понатаму стојат на мислењето дека адвокатурата треба да остане во нејзините постојни граници на опслужување на клиентите со стандардно работење без премногу експериментирање.

Примената на иновативни компоненти во работата може да биде од голема важност, кога станува збор за нудењето и продавањето на правни услуги, факт што според гореспоменатото истражување на една четвртина од испитаниците им донело поголем приход во работењето, а една третина од нив привлекле нови клиенти.

Успешната примена на иновациите може да придонесе и до подобар увид во работата со клиентите и нивните потреби. Така, комуникацијата помеѓу адвокатот и клиентот еволуирала во смисла на отворениот пристап и поголемата доверба во споредба со тоа како што порано било случај кога постоела некоја скриена напнатост, вели консултантот Де Кратс.

Исто така, во последно време тренд во адвокатските фирми низ светот е ангажирањето на експерти за маркетинг и за бизнис, кои се вработени во адвокатската канцеларија и нивна задача е да вршат маркетинг-анализа на работењето.

Важноста на маркетингот нагло се зголемила од почетокот на 21 век и постои до ден денес. Во споменатото истражување, 55 % од адвокатските фирми се согласиле дека маркетингот е важен сегмент од работењето на еден бизнис, вклучувајќи ја и адвокатурата. Организирањето на конференции, објавување на статии во журнали и списанија поврзани со правото, се дел од активностите кои маркетинг-аналитичарите треба да ги вршат доколку се вработат во една адвокатска канцеларија.

Исто така, лицата задолжени за маркетингот имаат работни обврски за организирање на донаторски средби и барање спонзори за разни потреби на адвокатската канцеларија. Во САД, со овие активности биле задоволни 64 % од испитаниците и тие истакнале дека маркетингот им донел поголем број на клиенти и им ги подобрил односите со постојните.

Како заклучок од ова истражување се наведува дека без добра внатрешна организација во една канцеларија, вклучувајќи мотивирање на вработените и преземање на оперативни работи, без голем притисок и негативни импликации, фирмите нема да бидат во можност да ги остварат своите приоритети и обврските спрема своите клиенти. Половина од испитаниците за остварување на своите цели ангажираат менаџер во компанијата кој ќе биде одговорен за добро внатрешно организирање на целата канцеларија. Тие сметаат дека улогата на директорот е да биде двигател на активностите и со своите менаџерски способности да помогне во обезбедување на хармонијата и нормалните работни услови помеѓу вработените.

Адвокатските канцеларии со текот на времето сфатиле дека најважен дел од работата се вработените (адвокатите, административниот персонал, техничкиот персонал) и тие одвојуваат посебен буџет за стручно усовршување на вработените и за ангажирање на нови вработени доколку решат да расте нивната канцеларија.

Развојот на една адвокатска фирма и на бизнисот воопшто, особено во насока на нивна промоција низ маркетингот, користењето на иновациите и насочување кон вработените и клиентите треба да продолжи со забрзано темпо.