/ Прочитано:

1.146

Истражување за универзитетската автономија во македонското високо образование

Денеска беа презентирани резултатите од истражувањето спроведено во рамките на проектот „Универзитетската автономија во македонското високо образование: Статус и перцепции“, од страна на тимот на универзитетски професори од Независниот академски синдикат во соработка и со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).  Автори на истражувањето се  Маја Стевановиќ, Зоран Велковски, Влатко П. Коробар, Елена Џукеска и Неда Здравева.

„Согласно поставените индикатори од страна на Европската универзитетска асоцијација (EУА), оценката укажува на тоа дека нашата земја би била најдобро рангирана во однос на академската автономија и организациската автономија, послабо рангирана во однос на кадровската автономија, и најслабо рангирана во однос на финансиската автономија“, се заклучува во истражувањето.

Според оценката на испитаниците за тоа колку се остварени индикаторите што ги има поставено Европската универзитетска асоцијација, нашата земја би била најдобро рангирана во однос на академската автономија и организациската  автономија, додека пак послабо рангирана во однос на кадровската автономија, а  најслабо рангирана во  однос на финансиската автономија.

Анализата покажува дека еден од предусловите за унапредување на финансиската автономија е отворањето можност за универзитетите без ограничувања да располагаат со сопствените средства. Исто така, треба да се разгледа и можноста буџетските средства да се распределуваат во пошироки категории, што ќе им овозможи на високообразовните установи поголема слобода во располагањето со овие средства.

Во случај кога, како резултат на рационалното трошење на средствата, високообразовните установи ќе остварат вишок од добиените буџетски средства, треба да се остави можноста тие, под одредени услови, да се префрлат во наредната година и да се трошат на активности поврзани со унапредување на дејноста.

Исто така, се вели во истражувањето, неопходно е воспоставување систем на мерила што ќе овозможи поправична дистрибуција на буџетските средства меѓу високообразовните установи и нивните единици заради природата и спецификите на наставата и реалните трошоци за нејзиното изведување.

Што се однесува до кадровската автономија, поради континуираното стареење и намалување на наставниот кадар, треба да се елиминираат или да се релаксираат ограничувањата што постојат за вработување на веќе утврдениот потребен кадар. Истовремено, тоа ќе значи и елиминација на можноста за посредно влијание од страна на власта при изборот на кадарот.

„Треба да се промени и линеарниот модел за определување на платите и нерамноправноста што се создава врз таа основа помеѓу лица со исти наставни звања и оптовареност, како и да се воведат корективни механизми кои во случаите на значителна диспропорција во можноста да се остварат значителни средства врз основа на партиципацијата и школарината, ќе обезбедат важно намалување на разликите во наградувањето за вложениот труд.

Во поглед на организациската автономија, треба да се испитаат начините на вклучување на надворешни лица, избрани или предложени од универзитетите, во телата за управување и да се проценат придобивките од таквото решение“, се вели во истражувањето.

Кај академската автономија, исто така, постои простор за подобрување, особено во доменот на обезбедување квалитет. Преку Агенцијата за квалитет во високото образование треба да се овозможи инволвирање на разни агенции кои се членови на ENQA, во смисла на алтернативен начин за акредитација на студиски програми и за надворешна евалуација.

Новите решенија треба да се тестираат пред да прераснат во законска норма, а во повеќе сегменти системот треба да нуди алтернативни солуции затоа што видовите, организацијата, големината и традицијата на високообразовните установи во Македонија во значителна мера се разликуваат, па едно унифицирано решение не е секогаш најдобро за сите.

Република Северна Македонија мора да се вклучи во истражувањата на универзитетската автономија што ги спроведува ЕУА заради значителните придобивки што произлегуваат од овој процес. Тоа ќе овозможи целосен увид и учество во процедурите на истражувањето, директно запознавање со перформансите на различните системи и можност да се искористат искуствата на другите во околностите кои кореспондираат со нашите.

Зголемениот степен на универзитетска автономија произлегува од континуираното залагање и активниот дијалог во самите високообразовни установи, помеѓу различните високообразовни установи и помеѓу нив и власта. Само доколку постои доверба помеѓу страните во дијалогот и заедничка цел да се унапреди високообразовната дејност можно е постигнување на целта во услови на зголемена автономија на универзитетите.

Проектот „Универзитетската автономија во македонското високо образование: Статус и перцепции“, претставува дел од заложбите на ФООМ за автономни,  одговорни и отчетни универзитети кои со практикувањето на своите академски слободи придонесуваат за економскиот и демократскиот развој на државата и се предводници на општествените промени. Целта на проектот беше да се утврди нивото на оствареност на универзитетската автономија во Република Северна Македонија. Основата на истражувањето ја чини платформата за универзитетската автономија и методологијата креирана од страна на Европската универзитетска асоцијација (ЕУА). Целосниот извештај од истражувањето можете да го најдете на следните линкови: http://www.fosm.mk/mk/Home/Publications?catID=9  и www.naks.org.mk

Независниот академски синдикат (НАкС) е демократска, невладина, непартиска организација на членовите на академската заедница во Република Северна Македонија. Во Академскиот синдикат доброволно се зачленуваат вработените во јавните и приватните високообразовни институции и научно-истражувачките установи (факултети, институти, високи школи, универзитети) и други сродни установи, државјани на Република Северна Македонија. Академскиот синдикат е формиран во 2016 година со цел неговите членови на организиран начин да ги изразуваат и остваруваат своите посебни и колективни интереси, да ги подобрат своите професионални, економски, социјални, културни и други општествени интереси, како и правата од работен однос и правото на синдикално организирање.

М.В