/ Прочитано:

1.237

Истражување за врсничкото насилство: Речиси две третини од учениците потврдуваат присуство на булинг во училиштата

Истражувањето спроведено од Институтот за човекови права покажува дека речиси две третини од учениците во средните училишта во Скопје потврдуваат присуство на булинг помеѓу учениците во нивното училиште.

Најраспространет е булингот на социјалните мрежи

Физичкиот булинг, се посочува во истражувањето, е помалку раширен од вербалниот и невербалниот булинг, а ставот на учениците е дека најраспространет е булингот на социјалните мрежи. Во однос на причините за булинг, учениците навеле дека неможноста на жртвата да се спротивстави (без разлика дали тоа е вербално и физичко спротивставување) е една од главните причини за булинг.

„Учениците се согласни дека немоќта на жртвата да се заштити е една од главните причини за врсничко насилство и ова целосно се совпаѓа со теоретската позадина на односите на моќ во општеството, односно, врсничкото насилство, слично како и секое друго насилство, е многу повеќе однесување за покажување моќ, отколку за добивање некој друг резултат од истото“, се посочува во истражувањето.

Булингот е редовна појава во училиштата

Истражувањето го потврдува заклучокот дека булингот е редовна појава во животот на средношколците во Скопје. Речиси две третини од учениците во средните училишта сметаат дека има врсничко насилство помеѓу учениците во нивното училиште, а околу една третина биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година.

„Мнозинството сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основното училиште. Постои силна корелација меѓу полот и перцепцијата за случено врсничко насилство, при што девојчињата го имаат ставот дека булингот е повеќе застапен во нивното училиште. Слично како и кај дискриминацијата, овој факт може да се должи или на тоа што девојчињата имале повеќе искуство со булинг, или се посвесни и имаат капацитет да препознаат кога истиот се случува. Учениците се согласни дека немоќта на жртвата да се заштити е една од главните причини за врсничко насилство и ова целосно се совпаѓа со теоретската заднина на односите на моќ во општеството“, се нотира во истражувањето на Институтот за човекови права.

Најголем дел од искуствата со булинг се состоеле од навреди и исмевање (59% од учениците го одговориле ова), но не е мала и бројката на оние кои потврдиле дека биле жртва на физичко малтретирање (21%). Иако сексуалното вознемирување е споделено како искуство на учениците во мал број, сепак 100% од оние кои одговориле дека биле жртви на вакво насилство, биле девојчиња.

Булингот се препознава, но не се реагира соодветно

За разлика од ставовите поврзани со присуството на дискриминација и говор на омраза, наставниците имаат конзистентни ставови со учениците кога станува збор за булинг. Нивните перцепции за присуството, изложеноста, причините и пријавувањето на булинг се поклопуваат со оние на учениците.

„Ова води до заклучок дека тие се добро запознаени со феноменот и имаат капацитет да го препознаат, тогаш кога тоа се случува во рамки на училиштето. Сепак, од препознавање до реагирање, односно до преземање мерки, видлива е дискрепанцата, која беше претежно истакната за време на спроведувањето на квалитативниот дел од истражувањето“, нагласуваат од Инситутот за човекови права.

Многу од учесниците во фокус-групата упатуваат на проблемот на нереагирање на наставно-научниот кадар. Дополнително, како заклучок на испитаниците е дека стручните служби во училиштата не се доволно вклучени во решавањето на проблемот, бидејќи се перципирани од учениците како казна и дисциплинска мерка, а не како служба за психолошка и советодавна поддршка.

Понатаму, овој дел на истражувањето покажа дека нема хомогена, стандардизирана метода која се применува за покревање на свеста и за едукација меѓу учениците за врсничко насилство, туку сите училишта применуваат свои алатки со кои се запознаени или обучени.

Ова, истакнуваат од Институтот, е во спротивност со националната правна и стратегиска рамка, како и со правилниците и водичите кои се изготвуваат од Бирото за развој на образованието.

Законско регулирање на врсничкото насилство

Како што се наведува во заклучните согледувања, националната правна рамка за заштита на децата од насилство е широка и опфаќа повеќе закони. Некои од овие закони, особено оние од областа на образованието (како Законот за основно образование и Законот за средно образование), експлицитно вклучуваат одредби за регулирање на врсничкото насилство/булинг, додека други пак ја регулираат материјата на превенција и заштита на децата од секој вид насилство, вклучително и од врсничкото насилство, онаму каде што може да се протолкува како такво.

Дополнително, државата има изготвено повеќе национални стратегии, акциски планови и концепции во кои се предвидуваат активности и методи за искоренување на врсничкото насилство и за заштита на психо-физичкото здравје на децата, како што се Националната стратегија (2020-2025 година), проследена со Акциски план (2020-2022 година) за превенција и заштита на децата од насилство, Националната стратегија за млади, 2016-2025 година и Концепцијата за основно образование.

Значи, институциите сè повеќе го препознаваат проблемот на врсничко насилство во образовниот систем и (најмалку декларативно) преземаат мерки за ставање крај на овој вид насилство.

Да се донесат  прописите поврзани со врсничкото насилство

Во истражувањето на Институтот за човекови права се акцентира дека потребно е неодложно донесување на сите предвидени законски и подзаконски акти од областа на образованието, поврзани со врсничко насилство (булинг), дискриминација и говор на омраза.

Исто така, потребно е да се превидат прекршочни глоби за раководните лица во образовните установи, доколку има непостапување во случаи на дискриминација, говор на омраза и врсничко насилство и да се подигне свеста и да се зајакнат капацитетите на наставниот кадар и на стручните служби за препознавање и за соодветно реагирање во случај на дискриминација, говор на омраза и/или врсничко насилство (булинг), преку стандардизирани обуки.

Дополнително, во истражувањето се нагласува и потребата од активно следење и конзистентна примена од страна на училиштата на сите креирани образовни политики, систематизирано вклучување на теми од областа на дискриминацијата, булингот и говорот на омраза во рамки на училишните програми и наставните содржини и интегрирање родово-сензитивно образование во наставните програми.

Потребно е и да се преземат мерки од страна на училиштата за мотивирање на учениците да пријават случаи на дискриминација, булинг и говор на омраза, активно да се промовира  работата на стручните служби во училиштата (педагог и психолог), со цел да се намали стигмата за нивната улога како дисциплинска (казнива) мерка и да се промовира нивната психолошка и советодавна поддршка на учениците. Неминовна е и соработката меѓу училиштата и постоењето на мултисекторски пристап кон решавање на проблемите со дискриминација, говор на омраза и врсничко насилство, се препорачува во истражувањето на Институтот за човекови права.