Италијанска полиција: Македонски Албанец бил платен убиец на мафијашка организација

Четврток, 22 ноември 2012 – Македонскиот Албанец, Васви Белули (30) и црногорскиот Албанец, Арбен Ибрахими се уапсени од италијанската полиција под сомнение дека се членови на криминалната италијанска организација „Ндрагета“ со седиште во Калабрија и дека убивале по нарачка на мафијата, пренесува тиранскиот весник „Шекули“.

Белули и Ибрахими се осомничени за убиства кои биле нарачка на италијанска мафијашка организација. Според истрагата, нивната награда за убиствата изнесувала 1000 евра. Дејствувале како платени убијци ликвидирајќи лица што се на списокот за отстрел на италијанската мафијашка организација. 

Истрагата против нив започнала на 11 февруари оваа година по обидот за атентат врз осуденикот Франческо Скрулин кој бил пронајден мртов во својата ќелија во затвор во Италија. 

Според Дирекцијата за спречување на дејствување мафијашки организации во Италија, двајцата осмничени учествувале како снајперисти во поранешните конфликти на територијата на СФРЈ. Нивното минато било причината зошто оваа мафијашка организација ги ангажирала како свои платени убијци.