/ Прочитано:

985

Италијанско обвинителство се огласи за бројот на исчезнати по уривањето на мостот кај Џенова

Регионалниот јавен обвинител на Џенова, Франческо Коци, денеска соопшти дека 20 лица и натаму се водат како исчезнати по уривањето на надвозникот во близина на овој град во Северозападна Италија во вторникот.

„Сè уште не е јасна судбината на речиси 20 лица“, изјави Коци на прес-конференција во Џенова.

Ова е првпат од несреќата италијанските власти да соопштат официјална бројка на исчезнати лица. Во меѓу време, италијанската полиција го коригираше смртниот биланс при несреќата, соопштувајќи дека бројот на загинати не изнесува 39, туку 38 лица.

Трет ден по несреќата, спасувачките тимови и денеска продолжуваат со потрагата по исчезнатите под урнатините од надвозникот. Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска прогласи вонредна состојба во регионот околу Џенова.

Италијанската компанија „Аутостраде пер Л’ Италија“, оператор на мостот, изрази уверување дека ќе докаже оти ги исполнила обврските од договорот за концесија за работа на тој мост.

Владата во Рим, исто така, повика на оставка на највисокото раководство на компанијата и најави дека ќе побара изрекување на високи казни.

„Во врска со плановите за одземање на концесијата, компанијата „ Аутостраде пер Л’ Италија“ изразува уверување дека ќе биде во можност да докаже оти секогаш коректно ги исполнувала своите обврски како носител на концесијата“, се вели во соопштението на компанијата.

„Нашето уверување се базира на  мониторингот и на активностите за одржување, кои се спроведуваат во согласност со најдобрите меѓународни стандарди. Во оваа фаза не е можно да се обезбеди ниту едно сигурно образложение за причините за падот“, се додава во соопштението.