/ Прочитано:

2.590

Иванов бара решенијата за реформите на системот за безбедност и одбрана да бидат во согласност со Уставот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи.

На средбата заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, го информираше претседателот Иванов за „Планот 3-6-9“, во кој се содржани предлог-реформите што произлегуваат од Програмата за работа на Владата 2017-2020.

„На средбата претседателот Иванов побара решенијата во реформите на системот за безбедност и одбрана да бидат во согласност со уставните обврски на Советот за безбедност на Република Македонија, додека за заканата од илегална миграција, македонскиот претседател побара да се постапува во согласност со воспоставената процедура во Законот за управување со кризи“, информираат од Кабинетот на претседателот.

Во членот 79 од Уставот на РМ се пропишува дека претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот на Републиката го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, поставува и разрешува генерали. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.

Претседателот на Републиката, се пропишува во членот 86 од Уставот, е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија. Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и им дава предлози на Собранието и на Владата.

Во „Планот 3-6-9″ во делот на реформите на безбедноста и разузнавањето, се предвидува почнување со инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите  и подготвување план за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (со листа на правни акти, административни и технички мерки и финансиски импликации).

Исто така, во планот се предвидува операционализирање на Националниот координативен центар за борба против организиран криминал и дефинирање модел и правна рамка за надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата во соработка со Советот на Европа и народниот правобранител.

Формирање и именување на членови на Национален комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализација која води кон тероризам и назначување национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам и негови заменици, исто така, се предвидува во планот во делот на реформите на безбедносните и разузнавачки служби.

Во делот, пак, на миграциите во планот се вели дека Владата ќе ги почне преговорите со Европската комисија за Статусниот договор за (ФРОНТЕКС) Европската служба за гранична и крајбрежна стража бидејќи смета дека тоа е од обостран интерес, за нас и за ЕУ.

Па така, во планот се предвидува формирање преговарачки тим, усвојување преговарачки позиции и започнување преговори за статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, иницирање технички состаноци со ЕК за усогласување на националниот систем со релевантните барања на ЕУ и шенген-правилата и формирање специјална единица (task force) за борба против трговија со луѓе и шверцување мигранти, составена од претставници од Основно јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција и МВР.

Дополнително, во планот се предвидува организирање регионална работилница со учество на националните координатори од земјите од Западен Балкан и ЕУ за борба против трговија со луѓе и ревидирање на Законот за азил и времена заштита во согласност со препораките на експертот на ЕК.

М.В