/ Прочитано:

2.740

Иванов му го додели мандатот на Заев кој ги гарантираше унитарноста на државата и владеењето на правото

Повикувајќи се на членот 90 од Уставот на Република Македонија, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска му го додели мандатот за формирање на Влада на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев.

Во членот 90 на кој се повика претседателот Иванов, се пропишува дека претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателот на СДСМ и нов мандатор на Владата, Зоран Заев, по доделувањето на мандатот истакна дека пречките за доделување на мандатот се отстранети и дека во име на формираното собраниско мнозинство, ги гарантира унитарноста, територијалниот интегритет, заштитата на националните интереси и мултиетничкиот карактер на Македонија.

Мандатарот за состав на новата Влада нагласи дека процесот на одлучување на Владата ќе биде во согласност со основните принципи на владеењето на правото и дека ниту еден документ, ниту дејствие на новата Влада нема да бидат во спротивност со унитарниот карактер на државата и принципите на владеењето на правото, ниту пак ќе бидат услов за дејствување на Владата.

Во член 90 од Уставот на РМ, покрај пропишаната должност за доделување на мандатот од страна на претседателот на државата, се пропишува и дека мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, се вели во членот 90 од Уставот, по предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.