/ Прочитано:

1.534

ИВАНОВ: Станавме држава на слободно толкување на Уставот и законите

Претседателот Ѓорге Иванов денеска се обрати во Собранието на Република Македонија.  Според Уставот и законите, Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од  неговата надлежност најмалку еднаш годишно

„Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како Претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум. Власта прво се согласи на промена на Уставот, а дури потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратениците. Власта прво се согласи на грчки договор што ќе се одрази на иднината на народот, а дури потоа глуми јавна дебата“, истакна Иванов во своето обраќање.

„Кој од оние кои промовираат владеење на правото го почитуваат владеењето на правото?“, рече Иванов и додаде – „Станавме држава на слободно толкување на Уставот и законите.“

„Правото е сведено на политички инструмент на владејачката структура која на степен на закон го подигнува сето она што ќе го посака. Правдата сè уште е слугинка на моќта. Зарем не сте свесни дека ако еден граѓанин ја загуби вербата во правдата, тоа значи дека ја загубил најсилната врска со државата. Односно, веќе престанува да ја чувствува Република Македонија како своја држава. Сте се запрашале ли зошто и економски добро ситуирани граѓани си заминуваат од државата? Поради неизвесноста за иднината на нивните деца. Тешко на она поколение, чиишто судии заслужуваат да им се суди. Не сакам да станеме држава во која ова би се остварило

Второ, здравството. Секој треба да знае дека нашите деца, нашите најмили се заболуваат, умираат поради лоши услови и недостиг на кадри. Нашите болници наместо од пациенти, се празнат од медицински персонал. Докторите, сестрите си заминуваат во странство. Тоа се наследени проблеми од избрзани реформи. Затоа, кога се спроведуваат реформите, наместо теснопартиските интереси треба да се земат предвид само интересите на пациентите.

Трето, образованието. Крајно време е да престанат експериментите со учениците и студентите. Тие се потенцијал за промена во нашето општество, и тоа го видовме сите. Неопходни се еднакви можности за сите, еднаков пристап до знаењето за сите, без разлика каде живеат и на кој јазик учат. Како што за одбрана на државата е потреба армија, така за одбрана на општеството се потребни училишта. Во минатото видовме избрзани реформи. Затоа, сега реформите треба да бидат резултат на сеопфатни јавни дебати во кои ќе бидат вклучени и наставниците, и студентите и родителите. А секоја вистинска реформа започнува со вистинското прашање: која е целта на образованието, за оваа генерација, во овој милениум? Никогаш нема да ги заборавам зборовите на еден светски интелектуалец кој во една прилика рече дека би го тужел оној образовен систем што наместо иноватори со идеи создава само баратели на работа“, рече Иванов во своето обраќање.

Во врска со Договорот од Преспа, Иванов рече дека во секоја функционална демократија пропаднатиот референдум ќе значеше и крај на процесот. Волјата на народот изразена на референдум е патоказ. Знак на демократска зрелост е носителите на одлуки да се водат по тој патоказ бидејќи граѓаните се првиот и единствен извор на легитимитет.

„Но, за жал, тоа не беше случај кај нас. И покрај официјалните резултати, видовме обиди за слободно толкување на Уставот и законите на Република Македонија со цел неуспешниот референдум да се претстави како успешен, како пред домашната така и пред меѓународната јавност“, истакна Иванов.

„Од сите прашања, ќе се осврнам на македонскиот јазик. Се тврди дека со Преспанската спогодба македонскиот јазик е конечно заштитен. Со што е заштитен? Како оваа власт може да каже дека се изборила за неотуѓиво право? За македонскиот јазик се избориле оние кои имале храброст да го зборуваат тогаш кога бил забранет, да го кодифицираат тогаш кога бил негиран, да го промовираат тогаш кога бил игнориран. Тие го заштитија македонскиот јазик, а оваа власт само го сведе на монета за поткусурување“, посочи Иванов.

Иванов се осврна и на Договорот со Бугарија и на Тиранската платформа.

„Кога во 2017 година го потпишав Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија укажав на една многу важна работа. Договорот зборува за заедничка историја на двете држави и нивните народи. Таа заедничка историја се однесува на периодот од признавањето на Република Македонија од страна на Република Бугарија, односно, од 1992 година. Тоа е вистинската историска рамка на договорот којшто не е насочен кон минатото, туку кон иднината. Наместо тоа, се дозволи слободно толкување на договорот поради што Република Македонија е втурната во лавиринт од кој тешко се излегува. Сега Софија најавува анекс на договорот.

Орвел напишал дека ‘кој го контролира минатото ја контролира иднината, а кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото.’ Од каде таа аверзија кон историјата? Тврдите дека македонскиот народ живее во минатото и дека сакате да го однесете во иднината. Но, народот не живее во минатото, туку со минатото, и тоа не за да мрази, туку за да се сеќава. А сега сакате и колективните сеќавања да ги цензурирате.

И конечно, кон спогодбата од Преспа и слободното толкување на договорот со Бугарија ќе го додадам и третиот голем предизвик за македонската држава – а тоа е Тиранската платформа. Независно што некои го одрекуваат постоењето на Тиранската платформа, сепак, делата гласно зборуваат за целите и намерите Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Речиси нема член во тој закон во кој не е прекршен Уставот на Република Македонија. Законот е усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела. Надминат е предвидениот законски рок, злоупотребено е европското знаменце, а не е консултирана ниту Венецијанската комисија. Законот го вратив без да го потпишам и тоа со низа забелешки. Парламентарното мнозинство ги игнорираше моите забелешки но и ставовите на стручната јавност и опозицијата“, рече Иванов, кој се осврна и на Законот за амнестија.

„Која е разликата меѓу моите помилувања и вашата амнестија? Во целите. Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување.

Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава“, нагласи Иванов.

Годишно обраќање на претседателот Иванов

Законот за амнестија влезе во сила потпишан од Иванов и критикуван од експертите

Обвинителството постапува по две анонимни кривични пријави за претседателот Иванов

Претседателот Иванов донесе одлука да не го потпише указот за Законот за ратификација на договорот со Грција

ИВАНОВ ЗА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ: Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон

М.В