/ Прочитано:

1.762

Избори за германскиот Бундестаг: Меркел на чекор до уште еден мандат, покажуваат анкетите

Според последните анкети на јавното мислење, огромна предност има конзервативниот блок во чиј состав влегуваат Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско- социјалната унија (ЦСУ), а чиј лидер е актуелната канцеларка Ангела Меркел, која на овие избори по четврти пат ќе се обиде да остане на лидерската позиција, односно да ја задржи функцијата канцелар на Германија. Предвидувањата, во согласност со спроведените анкети, се дека конзервативците ќе освојат околу 37 отсто од гласовите.

На 24 септември Германците ќе гласаат на парламентарни избори, на кои гласачите ќе го изберат новиот состав на Бундестагот, како и канцеларот кој во наредните четири години ќе раководи со Германија.

Според последните анкети на јавното мислење, огромна предност има конзервативниот блок во чиј состав влегуваат Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско- социјалната унија (ЦСУ), а чиј лидер е актуелната канцеларка Ангела Меркел, која на овие избори по четврти пат ќе се обиде да остане на лидерската позиција, односно да ја задржи функцијата канцелар на Германија.

Предвидувањата, во согласност со спроведените анкети, се дека конзервативците ќе освојат околу 37 отсто од гласовите, што е огромна предност пред нивниот коалициски партнер, односно Социјалдемократската партија на Германија (СПД),која ја предводи Мартин Шулц, а кој истовремено е во трката за канцелар на земјата. Доколку се остварат прогнозите, за СПД на овие парламентарни избори би гласале околу 23 отсто од граѓаните на Германија.

Анкетите на јавното мислење се и дека екстремната десница, партијата Алтернатива за Германија (АФД), ќе добие поддршка меѓу 10 и 12 проценти, додека партијата Левица (Линкс) и либералната Слободна демократска партија (ФДП) би освоиле меѓу девет и 11 отсто од гласовите на избирачите.

Во парламентарната трка влегуваат и партиите што ја сочинуваат Алијансата на зелените, кои според анкетите би добиле поддршка од 7 до 8 проценти. Сите преостанати 14 партии, учеснички на изборите, заедно уживаат поддршка меѓу четири и пет проценти од гласачите.

Ваквите анализи покажуваат дека ниту една партија не би била во можност самостојно да ја формира новата Влада, поради што победничката партија ќе мора да коалицира со некоја од другите партии. Во моментов владината коалиција во Германија ја сочинуваат демохристијаните на Меркел и социјалдемократите на Шулц. Во оваа насока, аналитичарите предвидуваат дека ова би била и старо-новата постизборна коалиција во Германија, која ја нарекуваат „црно-црвена“ и која според јавното мислење во земјата единствена би гарантирала стабилност на Германија.

Што се однесува, пак, до прогнозите за тоа кој ќе раководи со новата германска Влада, сите позитивни предвидувања се на страната на актуелната канцеларка, Меркел. Аналитичарите, како што велат самите, единствено за што не се сигурни е кои партии ќе бидат во кабинетот „Меркел 4“.

Претстојните парламентарни избори во Германија предизвикаа огромно внимание во светот, но пред сè, во Европската Унија, особено поради фактот дека Германија е движечка економска сила во Унијата, поради што многумина сметаат дека од исклучителна важност е кој во наредните четири години ќе раководи со Владата на Германија.

А. Б.