/ Прочитано:

865

Изборите во Албанија поминаа со убиство и ранети — сите партии прогласија победа

Понеделник, 24 јуни 2013 – Само два часа по почетокот на вчерашните парламентарни избори во Албанија, беше регистриран првиот тежок инцидент, во кој е убиен член на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), а три други лица се повредени. Откако се затворија гласачките кутии, сите партии прогласија победа. Првичните официјални резултати од изборите се очекуваат денеска. 

Во близина на гласачко место во градот Лач, околу девет часот бил убиен Ѓон Ѓони (53), член на ЛСИ на Илир Мета, а повредени се Мехил Фуфи, кандидат за пратеник од редовите на Демократската партија (ПД) на премиерот Сали Бериша, и уште две лица кои случајно се нашле во близина. Полицијата на самото место пронашла 15 празни чаури и трага по сторителите. Според првичната истрага, мотивите за убиството се политички.

Неколку минути по затворањето на гласачките кутии, први победа прогласија социјалистите преку нивниот лидер Еди Рама. Веднаш по него и демократите преку Мајлинда Брегу, актуелен министер за евроинтеграции, го стори истото. Лидерот на Движењето за социјалистичка интеграција, Илир Мета, чија партија е дел од левата коалиција Алијанса за европска Албанија исто така се прогласи за победник на овие избори. Победа прогласи и националистичката Алијанса црвено црни преку Фејсбук, додека Бамир Топи од Нов демократски дух, исто така искажа голем оптимизам за резултатите.

Инаку, на изборите во Албанија вчера се гласаше на 4.400 гласачки места, а во единствениот избирачки список се евидентирани околу 3,3 милиони гласачи, кои треба да изберат 140 пратеници во Парламентот на Албанија. Овие избори се оценуваат како клучни за европската иднина на земјата и ги следат над 400 набљудувачи на ОБСЕ, чија Мисија ја предводи Кони Меккормак. На изборите учествуваа 66 политички партии, но главната битка се води меѓу владејачка Демократска партија (ПД) на премиерот Сали Бериша и опозициската Социјалистичка партија (ПС) на Еди Рама.