/ Прочитано:

1.541

Изборни анализи: Неизвесна трка за мнозинство во Парламентот во Велика Британија

Анкетите покажуваат дека конзервативците предводени од премиерката Тереза Меј имаат предност пред лабуристите на Џереми Корбин од 1 до 12 проценти. Но, експертите велат дека иако според досегашните анализи Конзервативната партија на десниот центар е пред уште една парламентарна победа, и левичарската Лабуристичка партија би можела да основа влада со поддршка на малцинските левичарски партии. Непосредно пред почетокот на гласањето, истражувањата на јавното мислење покажаа дека трката би можела да биде многу понеизвесна од првичните проценки кога премиерката Меј ги распиша изборите пред шест недели. Сепак, предвидувањата се дека нејзината премиерска функција е сигурна.

Британците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори кои ќе одлучат кој ќе ја предводи Велика Британија низ процесот на Брегзит. Според аналитичарите, исходот од овие избори во голема мера ќе има влијание врз иднината на Обединетото Кралство, а особено ќе има влијание врз прашањето кое се однесува на тоа дали Шкотска ќе организира уште еден референдум за независност од Велика Британија.

Анкетите покажуваат дека конзервативците предводени од премиерката Тереза Меј имаат предност пред лабуристите на Џереми Корбин од 1 до 12 проценти. Но, експертите велат дека иако според досегашните анализи Конзервативната партија на десниот центар е пред уште една парламентарна победа, и левичарската Лабуристичка партија би можела да основа влада со поддршка на малцинските левичарски партии.

Непосредно пред почетокот на гласањето, истражувањата на јавното мислење покажаа дека трката би можела да биде многу понеизвесна од првичните проценки кога премиерката Меј ги распиша изборите пред шест недели. Сепак, предвидувањата се дека нејзината премиерска функција е сигурна.

Но, за разлика од некои најнови анкети кои покажуваат дека партијата на Меј има предност во однос на лабуристите за само еден процент, некои пресметки укажуваат дека конзервативците нема да го освојат потребното мнозинство, што би значело дека ќе им треба поддршка од уште една партија за да ја задржат владејачката позиција.

Меѓутоа, прашање е колку може да им се верува на резултатите од анкетите, со оглед на тоа дека на претходните избори одржани пред само две години, прогнозите од Институтот за истражување на јавното мислење беа прилично погрешни, што беше случај и по една година, во текот на референдумот за Брегзит.

Проценките се дека Меј има две основни предности, шанса да обезбеди силно и стабилно лидерство за Брегзит и фактот дека нејзиниот ривал, лидерот на лабуристите Џереми Корбин, многу гласачи го гледаат како слаб и неспособен.

Инаку, според британскиот изборен систем, кандидатот со најголем број гласови во секој изборен круг станува пратеник.

Ваквиот систем им отежнува на помалите партии да го зголемат своето учество во Парламентот, но помалите партии чија поддршка е сконцентрирана во клучните изборни единици, како што е Шкотската националистичка партија, можат добро да поминат.

Иако фокусот е на партиските лидери, гласачите директно не го избираат премиерот, туку само локалните пратеници.

Новиот состав на Парламентот се бира на максимално пет години, што значи дека наредните избори ќе мора да бидат одржани најдоцна до јуни 2022 година.

Инаку, избирачките места во целата земја денеска се отворени од 7 до 22 часот, а граѓаните имаат можност да избираат меѓу 3.303 кандидати во 650 изборни единици во земјата, колку што има места во Долниот дом на Парламентот. За апсолутно мнозинство се потребни 326 пратенички места.

На прашањето што очекуваат од новиот парламентарен состав, граѓаните на Велика Британија велат дека се најмногу заинтересирани за тоа како новата гарнитура на власт ќе ги решава процесот за Брегзит, тероризмот од кој во изминативе недели беа погодени Манчестер и Лондон, националниот здравствен систем, имиграцијата и економијата.

Покрај тоа, новоизбраниот премиер на Велика Британија, како што посочуваат аналитичарите, ќе мора да се фати во костец со последиците од терористичкиот напад во центарот на престолнината на Обединетото Кралство, кој беше трет напад во таа земја за помалку од три месеци.

Веднаш по затворањето на гласачките места ќе почне пребројувањето на гласовите, така што до 9 јуни наутро ќе се знае кој освоил мнозинство во Парламентот.

Кралицата Елизабета Втора потоа, најбргу што може, ќе побара од лидерот на партијата која обезбедила мнозинство во Долниот дом на парламентот, да стане премиер и да формира нова администрација.

Парламентот на 13 јуни ќе се состане да избере свој нов претседател, а тогаш и пратениците ќе положат заклетва.

Кралицата на 19 јуни официјално ќе прогласи почеток на работа на новиот состав на Парламентот, кога ќе биде прочитана програмата на новата влада за претстојната парламентарна година.

А. Б.