/ Прочитано:

1.525

Тркалезна маса „Пробација – нов импулс за условниот отпуст“

Издржувањето на условниот отпуст во заедницата ќе го намали повторувањето на делата

„Од аспект на пробациската служба, а во насока на техничка и стручна поддршка на правосудството, особено е значајно што пробациските работи ќе се вршат како за време на траењето на кривичната постапка така и по изрекувањето на судските одлуки“, истакна директорката на Академијата, Анета Арнаудовска.

aka 1

Пробациската служба, која ќе почне да функционира од ноември оваа година, треба да придонесе за намалување на пренатрупаноста во македонските затвори, за поуспешна ресоцијализација и реинтеграција на обвинетите лица и за ефикасно и доследно применување на Законот за кривична постапка и Кривичниот закон.

Ова се дел од заклучоците на тркалезната маса „Пробација – нов импулс за условниот отпуст“, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, наменета за судиите од прв степен кои одлучуваат во кривични совети за условен отпуст, за директори на затворите и казнено-поправните установи, за претставници од Министерството за внатрешни работи, од Управата за извршување на санкции, од Министерство за правда на РМ, како и за јавните обвинители од сите јавни обвинителства.

„Од аспект на пробациската служба, а во насока на техничка и стручна поддршка на правосудството, особено е значајно што пробациските работи ќе се вршат како за време на траењето на кривичната постапка така и по изрекувањето на судските одлуки“, истакна директорката на Академијата, Анета Арнаудовска.

aka

Таа посочи дека е многу важно што во текот на постапката пробациските службеници ќе вршат процена на ризикот на обвинетиот, по што ќе доставуваат извештај до судот за таа процена, заедно со предлог за видот на кривичната санкција за обвинетото лице.

„Институциите меѓу себе ќе разменуваат информации и ќе соработуваат сѐ со цел да се изрече адекватна казна, но и по излегувањето од затвор на осуденото лице да му се помогне да се вклопи во општеството“, вели директорката.

Преку воспоставување соодветен надзор и поддршка од пробациските службеници може да се осигури следењето на осудените лица што се на условен отпуст, смета меѓународниот експерт за пробација Енди Стелман.

„На тој начин се намалува пренатрупаноста на затворите во земјата и се зголемува довербата од сите засегнати фактори и надлежните органи. Осуденото лице на овој начин може да го издржува условниот отпуст во заедницата, да се ресоцијализира и да се намали повторувањето на делата “, рече Стелман.

Според експертот за пробација и поранешен директор на операции во пробациската служба во Англија, Џули Мастерс, сега се поставуваат темелите на пробацискиот систем, а тоа автоматски значи дека може да се направи многу со цел ефикасно да се изведе и да се постави овој систем за да функционира.

Адвокатот Јордан Апостолски, кој е главен правен експерт на ИПА 2010 проектот за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на условната казна и алтернативните мерки„ посочи дека формирањето на пробациската служба е услов за добро функционирање на новите инструменти на Законот за кривична постапка и Кривичниот закон.

СЕ ВОВЕДУВА ПРОБАЦИСКАТА СЛУЖБА: Законот за пробација и измените на КЗ пред пратениците