/ Прочитано:

3.764

Издвоено мислење на уставни судии во врска со решението на Уставниот суд за членот 11 од Законот за помилување 

На седницата одржана на 21.3.2018 година, Уставниот суд со мнозинство гласови донесе Решение У.бр.96/2016 за отфрлање на иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1993), во согласност со членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, од причини што Судот веќе одлучувал за истата работа (Решение У.бр.144/1999 од 15.09.1999 година кога не повел постапка), а нема основи за поинакво одлучување. Во врска со решението на Уставниот суд, судиите на Уставниот суд на Република Македонија Сали Мурати и Насер Ајдари имаат издвоено мислење.

„Вака донесеното решение е сосема спротивно на нашето убедување по однос на конкретната правна проблематика, а поради следново:

Во постапката по предметот У.бр.96/2016 не беше во целост изнесена фактичката и правна состојба со цел донесување на правилна уставно-судска одлука.

Имено, по донесување на Решението У.бр.144/1999 од 15.09.1999 година, на кое се заснова донесеното решение во историјатот на Законот за помилување не беа прикажани факти кои се од значење за донесување на правилна одлука, и тоа:

– Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2009) кој влегол во сила на 5 февруари 2009 година со чиј член 10, е предвидено бришење на сега оспорениот член 11 од Законот за помилување,
– Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.19/2016 од 16 март 2016 година, со која е укинат Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009) вклучително и членот 10 со кој се брише членот 11 од Законот. Во постапката по овој предмет судијата Сали Мурати имаше свое издвоено мислење, и
– Законот за дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016) кој влегол во сила на 20 мај 2016 година.

Од анализата на изнесеното произлегува дека членот 11 од Законот за помилување, сметано од 5 февруари 2009 година е избришан со член 10 Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2009) со што сметано од наведениот датум престанал да биде дел од правниот поредок.

Согласно член 68 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е надлежно да донесува закони од каде произлегува дека еднаш избришаната законска норма од страна на Собранието може да се врати во правен поредок само преку ново уредување, нова регулатива, повторно од страна на законодавецот, а никако со интервенција на Уставниот суд, кој има улога на негативен законодавец.

Согласно член 110 од Уставот Судот ја оценува уставноста само на оние законски одредби што се дел од правниот поредок на Република Македонија, кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не тие коишто престанале да важат.

Оттаму, тоа што Уставниот суд со Одлуката У.бр.19/2016 од 16 март 2016 година со која го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009) вклучително и членот 10 со кој се брише членот 11 од Законот не смее да се толкува на начин што би имплицирал дека Судот го вратил во правниот поредок одамна избришаниот член 11 од Законот за помилување.  Во вакви ситуации, според досегашната уставно-судска практика Судот секогаш, без исклучок, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, ја отфрлал иницијативата за оценување на уставноста на одредби од закони што биле  избришани од страна на законодавецот, бидејќи таквите одредби не можат да бидат предмет на уставно-судска оцена затоа што не се дел од правниот поредок, што согласно наведената деловничка одредба преставува процесна пречка за одлучување.

Со оглед на фактот дека со иницијативата се бараше оценување на уставноста на член 11 од Законот за помилување кој повеќе не е во правниот поредок, Судот не можеше да донесе одлука согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, односно дека веќе одлучувал за истата работа и нема основи за поинакво одлучување, туку заради постоење процесни пречки за одлучување по иницијативата требаше да констатира дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на истата, што беше наша заложба во овој предмет“, се вели во издвоеното мислење.

М.В