/ Прочитано:

1.855

Издвоено мислење на уставниот судија Костадиновски за одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Уставниот суд не поведе постапка за членот 113 ставовите 7 и 8 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Според наводите во иницијативата, со одредбите од ставовите 7 и 8 од членот 113 од Законот, законодавецот директно го условувал, односно го ограничувал правото на избор за вработување, правејќи индиректна дискриминација за определени кандидати кои под исти услови биле примени во Академијата за судии и јавни обвинители и под исти услови добиле уверение за завршена почетна обука, а потоа оние кандидати кои не би се пријавиле на оглас за избор на судии за основен суд во град по сопствен избор, или пак свое место на живеење го губеле статусот на кандидат, со што трудот и постапката што ги минале се обезвреднувале.

Според Уставниот суд, не постојат основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од членот 113 ставовите 7 и 8 од Законот за Академија за судиите и јавните обвинители, од аспект на наводите во иницијативата.

Уставниот судија д-р Дарко Костадиновски даде издвоено мислење за предметот пред Уставниот суд. Издвоеното мислење го пренесуваме со целост:

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.184/2020 од 16 декември 2020 година, со кое Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 113 ставови 7 и 8 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018) го издвојувам и писмено го образложувам своето:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

По повод иницијативата поднесена од Маја Јанушева од Штип, Илина Смичковска Илиевска од Скопје, Јасна Челикова од Скопје, Бисера Матиќ од Скопје и Снежана Марковска од Скопје, на седницата одржана на 16 декември 2020 година, Судот со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 113 ставови 7 и 8 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018). Одлуката на мнозинството судии се темели на следните аргументи наведени во предметното решение:

“Од наведените одредби од Законот, произлегува дека со основањето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, државата врз себе ја презема обврската за едукација на кадрите во судството и јавното обвинителство со цел да се обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција. Токму од овие причини законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, како и постојано стручно усовршување на избраните судии и јавни обвинители. Оттука и приемот во Академијата (по положен приемен испит) односно стекнувањето на статус на слушател на почетната обука повлекува засновање на работен однос на определено време на слушателот со Академијата за периодот додека трае почетната обука, па се до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, при што средствата за стручното усовршување односно обуката на кандидатите ги обезбедува државата, односно Академијата чиј главен извор на финансирање е Буџетот на Република Северна Македонија преку делот од буџетот наменет за судската власт.

Значи, кандидатот не учествува со сопствени средства во покривањето на трошоците за обуката и стручното усовршување, туку напротив со засновањето на работниот однос со Академијата, за целиот период на спроведување на почетната обука се до изборот за судија, кандидатот односно слушателот има право на плата во износ од платата на виш судски советник во основен суд, а има право и на други надоместоци од плата согласно со закон.

Оттука, имајќи предвид дека државата е таа којашто ги обезбедува материјалните и финансиските средства за обуката на кандидатите за идни судии и јавни обвинители, Судот оцени дека е оправдано решението од членот 113 од Законот, според кое на кандидатите не само што им се признаваат определени права, туку истовремено со закон им се наметнуваат и обврски како што се и оспорените одредби за воспоставување на обврска односно должност, за јавување на кандидатите (освен првите тројца од конечната ранг листа) на секој објавен оглас за избор на судија во основен суд или јавен обвинител во основно јавно обвинителство. Право е на законодавецот, исто така, и да ги утврди последиците од неисполнување на наведената обврска, како што е губење на статусот на кандидат за судија или јавен обвинител поради два пати последователно нејавување на кандидатот на објавените огласи са судија односно јавен обвинител што повлекува надоместување на трошоците и другите надоместоци за негово обучување.

Ова дотолку повеќе ако се има предвид дека станува збор за две исклучително значајни јавни функции – судиската и јавнообвинителската функција, така што пополнувањето на судските и јавнообвинителските места на определен начин е прашање на политиката на државата во сферата на остварувањето на третата власт, преку која државата всушност ја остварува и крајната цел на постоењето на Академијата, а тоа е кандидатите обучени за идни судии и јавни обвинители и навистина да бидат избрани, односно да отпочнат да ја вршат судиската односно јавно обвинителската функција, односно да се овозможи редовно и континуирано пополнување на слободните судиски места, што од своја страна пак е решавачки критериум за определување на вкупниот број на слушатели на почетната обука.

Притоа, значајно е да се истакне дека вкупниот број на слушатели на почетната обука, се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, значи на целата територија на Републиката, но при приемот на слушателите за почетната обука во Академијата, не постојат територијални ограничувања, туку местата се општо достапни за сите апликанти што ги исполнуваат условите за слушатели на почетната обука, независно на подрачјето на кој суд тие имаат живеалиште.

Поради наведеното, Судот утврди дека не постојат основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од член 113 ставови 7 и 8 од Законот за Академија за судиите и јавните обвинители, од аспект на наводите во иницијативата”.

Видно од погоре цитираните аргументи од Решението У.бр.184/2020, Судот со мнозинство гласови оцени дека е оправдано решението од членот 113 од Законот, но притоа, не даде одговори во суштина на наводите во иницијативата, односно не понуди правни аргументи дали законската обврска и последиците од истата во оспорените одредби, се во согласност со уставните одредби посочени од подносителите на иницијативата. Сметам дека во постапката по предметот У.бр.184/2020, дел од наводите на подносителите на иницијативата беа основани, дека мнозинството судии без доволно аргументи и погрешно ги толкуваа одредбите од Уставот наведени од подносителите на иницијативата и неосновано, со оглед на изнесената фактичка и правна состојба како и на укажувањата на судиите (кои гласаа против наведеното решение) во текот на расправата по предметот, не утврдија и не констатираа дека со оспорените одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, се повредуваат одредби на Уставот.

Поконкретно, судот во предметното решение не дава правни аргументи на наводите во иницијативата дека законодавецот со оспорените одредби директно го условувал, односно го ограничувал правото на избор за вработување, правејќи индиректна дискриминација за определени кандидати кои под исти услови биле примени во Академијата за судии и јавни обвинители и под исти услови добиле Уверение за завршена почетна обука, односно се стекнале со статус кандидат, а потоа оние кандидати кои не би се пријавиле на оглас за избор на судии за основен суд во град по сопствен избор или пак свое место на живеење, го губеле статусот на кандидат.

Судот пропушти да одговори на наводите дека со оспорените одредби се повредува и членот 9 од Уставот, бидејќи ги ставал кандидатите за судии и јавни обвинители во нерамноправна положба, односно го спречувал правото да бидат кандидати во оние објавени огласи на кои би можеле и би сакале да се пријават, со што се повредува и членот 14 од Европската конвенција за човекови права и членот 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата, каде експлицитно се забранува дискриминацијата и ставањето во понеповолна положба на кој било, без разлика дали е тоа преку донесување на закон, акт или дејствие од страна на државата. Имено, постоење на кандидати на кои им била дадена можност и право на избор и кои биле избрани на оглас за судија во основен суд во град по желба и сопствен избор (првите тројца од конечната ранг-листа – став 4 од членот 113), наспроти оние кандидати кои не биле избрани на оглас за избор на судија во основен суд во градот, кој одговарал на нивниот работен и професионален живот, се разликите кои доведуваат до дискриминација на правата од навидум неутралните одредби кои се оспоруваат со иницијативата. Во тој контекст, сметам дека основано може да се постави прашањето дека со оспорените одредби се поларизирале две категории на кандидати кои иако еднакво го поминале процесот на едукација и практицирање на Академијата, сепак за едни се остварувало правото да бидат избрани за судија во основен суд во град по нивна желба, а за други кои не биле избрани на огласот се применувала законска присила да се јават на сите огласи за избор на судија во градови независно од нивната волја и со последици доколку не се јават како кандидати на огласите не по свој избор, и тоа несразмерни последици коишто резултираат со одземање на веќе стекнато право.

Понатаму, аргументот на мнозинството судии изнесен во Решението дека „со засновањето на работниот однос со Академијата, за целиот период на спроведување на почетната обука се до изборот за судија…”, како и дека “…имајќи предвид дека државата е таа којашто ги обезбедува материјалните и финансиските средства за обуката на кандидатите за идни судии и јавни обвинители, Судот оцени дека е оправдано решението од членот 113 од Законот, според кое на кандидатите не само што им се признаваат определени права, туку истовремено со закон им се наметнуваат и обврски како што се и оспорените одредби…”, со тврдење дека кандидатите со приемот во Академијата, со чинот на засновањето на работен однос со Академијата, биле свесни и ги прифатиле условите (со тоа и правата, обврските и последиците од неисполнување на обврските уредени во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители), се ирелевантни за апстрактна контрола на законски норми и оценка на нивната уставност. Тоа што е релевантно во постапувањето на Уставниот суд е дали оспорените одредби се во согласност со Уставот.

Поконкретно, сметам дека основано пред Судот требаше да се постави прашањето дали со одредбата од член 113 став 7 „Доколку кандидатот за судија или јавен обвинител два пати последователно не се јави на објавените огласи од ставовите (4) и (5) на овој член, го губи статусот на кандидат за судија или јавен обвинител”, се повредува членот 32 од Уставот според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Имено, одредбата којашто уредува последица губење на статус на кандидат за судија или јавен обвинител, не е јасно какво правно дејство и какви последици би произвела во иднина, што значи последицата „губење на статус”, дали кандидатот кој со акт на Академијата го изгубил тој статус, ќе може повторно да се стекне со таков статус, односно дали ќе може да ги ужива правата што Уставот му ги дава согласно членот 23 и членот 32, односно дали со тоа што се одземаат веќе стекнати права и статус на кандидати за судии и јавни обвинители се предизвикува правна несигурност, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ценам дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со одредбите на Уставот во:

– член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, кои се однесуваат на темелните вредности на уставниот поредок, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право,

– член 9 според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од општествената положба,

– член 23 според кој секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции,

– член 32 според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Поради наведеното, ценам дека Судот требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на член 113 ставови 7 и 8 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018) и да ги испита горенаведените сомнежи во поглед на нивната уставна втемеленост.

Судија на Уставниот суд,

д-р Дарко Костадиновски

Решение У.бр.184/2020