/ Прочитано:

3.726

Издвоено мислење на уставниот судија Сали Мурати за одредби од Законот за извршување кои беа укинати од Уставниот суд

Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на подносителите Георги Манасов, Трајан Рибарев и Никола Петров сите од Прилеп, за поведување постапка за оценување на уставност, ги укина членот 28 ставот 1 во делот:

„Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”;

Членот 86 ставот 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице“ и

членот 87 ставот 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице“, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016) и со мнозински гласови донесе Одлука за укинување на оспорените одредби од Законот бидејќи оцени дека тие одредби по сите основи не се во согласност со одредбите на членот 8 ставот 1 алинејата 3, членот 9, членот 51, членот 54 ставот 3 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Изразувајќи несогласност со таквата одлука гласав против и го издвојувам своето мислење зашто сметам дека оспорените одредби од Законот се во согласност со Уставот, поради што не требаше да се поведе постапка за оценување на нивната уставност, односно да се укинат, и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека Одлуката на Судот е во спротивност на членот 8 ставот 1 алинеите 3, 6 и 11 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, правна заштита на сопственоста и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право), членот 9 ставот 2 (начела на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите), членот 30, членот 51 став 1 (Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот) и членот 53 од Уставот на Република Македонија.

„Од анализата на оспорениот закон, vis a vis одредбите од Уставот на кои се укажува во Одлуката, мислам дека неосновани се тврдењата во Одлуката за повреди на членот 8 ставот 1 алинеите 1 и 3 и членот 9 од Уставот, од причина што со присуството на адвокат во задолжително составување на правни акти е само во интерес на правната сигурност на граѓаните и на тој начин се обезбедува правна заштита на странките во постапката пред извршител. Имено, на овој начин сите странки, учесници во постапката пред извршител се заштитени од правен аспект. Со задолжителното составување на правни акти од страна на адвокат е само и единствено во интерес и дополнителна заштита на правната сигурност на сите учесници во постапката пред извршител. Присуството на адвокатите во постапката пред извршител е со цел обезбедување правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред органите во вршењето на јавно овластување утврдено со Законот за адвокатурата и друг закон“, се вели во издвоеното мислење на судијата Сали Мурати.

М.В