/ Прочитано:

1.062

Апостолски: Очекуваме Тарчуловски да пристигне во Македонија деновиве

Вторник, 9 април 2013 Сѐ уште не е прецизирано кога Јохан Тарчуловски ќе стапне на македонско тло, дел од медиумите пишуваат дека владин авион веќе се упатил за Германија, неговиот адвокат, пак, укажува дека се очекува тој да пристигне деновиве. Процедурата не е иста како во случајот Љубе Бошковски кој пристигна од притворското хашко одделение, овде станува збор за германска јурисдикција, ќе мора да почекаме да си испочитува процедурата објаснува адвокатот Антонио Апостолски.

 >> Одлуката на Хашкиот трибунал за предвремено пуштање на Тарчуловски од затвор.

„Вчера ја добивме одлуката на претседателот на Хашкиот трибунал со која на Јохан Тарчуловски му се одобрува предвремено пуштање од затвор. Сега во тек е техничка процедура со оглед на тоа што тој се наоѓа во затвор во Германија, одлуката е веднаш да биде пуштен на слобода, но со оглед на тоа што е под германска  јурисдикција  ќе мора да почекаме да се испочитува процедурата. Очекуваме овие денови да биде вратен во Македонија“, изјави денеска адвокатот на Тарчуловски, Антонио Апостолски.

На новинарско прашање дали согласно одлуката постојат ограничувања за вршење на јавна функција, Апостолски укажа дека дека такво ограничување нема.

Одлуката на Хашкиот трибунал која беше донесена вчера, следува по барањето на адвокатскиот  тим  за предвремено пуштање, бидејќи Тарчуловски го исполни главниот критериуми, односно одлежа две третини од казната. Покрај ова, во предвид било земено  и неговото добро поведение.

Судскиот процес против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски е единствениот од вооружениот конфликт од 2001 година и единствениот од Македонија, кој заврши на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.  Процесот започна на 16 април 2007 година и заврши за една година. На 10 јули 2008 година, судскиот совет се произнесе со пресудата со која го ослободи од обвинение поранешниот министер за внатрешни работи го Бошкоски од сите обвиненија, а Тарчуловски кој за време на конфликтот беше службеник од повисок ранг во службата за обезбедување на Македонија беше осуден на казна затвор од 12 години врз основа на лична кривична одговорност. Одбраната на Тарчуловски се жалеше на оваа одлука, но жалбениот совет ги одби сите основи за жалба и ја потврди казната. Претседателот на Меѓународниот суд издаде решение, со кое ја определи Германија за држава каде ќе ја издржува казната.

По осум години колку што одлежа во затвор, Тарчуловски е слободен граѓанин.