/ Прочитано:

2.476

ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК: Санкционирање на нелегалното препродавање карти за спортски натпревари и културни манифестации

Група пратеници во Собранието на РМ денеска поднесе Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка.

Со членот 1 од предлогот се менува членот 277 од Кривичниот законик, односно се додава нов став (2) со кој се предвидува дека со казната од ставот (1) ќе се казни тој што неовластено нуди, рекламира, продава, овозможува на друг продажба или посредува во продажба на билети за јавни спортски натпревари, јавни културни или друг вид јавни манифестации. Воедно, се додава нов став со кој се предвидува дека обидот за ова дело е казнив.

„Со предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик се врши пропишување нов квалификаторен облик на кривичното дело ’недозволена трговија‘ заради пополнување на правна празнина“, се вели во законското образложение.

Во согласност со правилата на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и Договорот за организација на натпреварот СУПЕР КУП во 2017 година, кој треба да биде потпишан помеѓу УЕФА и Фудбалската федерација на Македонија, организаторот е должен да обезбеди потпишани гаранции од надлежните институции во државата. каде што се организира овој настан. Во таа насока, институциите ќе бидат обврзани да ги преземат сите неопходни мерки за спречување на фалсификувањето на билетите за овој фудбалски натпревар и нивно нелегално препродавање.

„Во согласност со постојната регулатива во Република Македонија, нелегално препродавање карти за спортски натпревари не е санкционирано во Кривичниот законик, за што е потребно да се преземат активности за пропишување на ваквото кривично дело во Кривичниот законик на Република Македонија. Имајќи го предвид горенаведеното, а со оглед на фактот дека надлежните институции веќе ги имаат потпишано предметните гаранции со кои е преземена обврска за ефикасно спречување на ваквите нелегални активности, Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, како координатор на активностите на институциите – членови на работната група задолжена за организација на СУПЕР КУПОТ 2017 година, достави барање за свикување на соодветната работна група задолжена за изменување и дополнување на Кривичниот законик заради преземање на неопходните активности за регулирање на оваа материја. Со тоа ќе се придонесе за успешна организација на овој и на други идни домашни и меѓународни спортски настани, а воедно ќе се спречат и штетните последици кои би произлегле како резултат од преземање на ваквите нелегални дејствија. По одржаниот состанок на работната група, се одлучи да се измени и дополни членот 277 од Кривичниот законик ’Недозволена трговија‘ со внесување посебен став за неовластена продажба на билети за спортски натпревари и друг вид манифестации“, се образложува во Предлог-законот.

Кон средината на овој месец и Владата на РМ предложи измени во Кривичниот законик во врска со неовластената продажба на билети за спортски натпревари.

М.В