/ Прочитано:

3.074

„Измени на Кривичниот законик за случаи како ‘Јавна соба’ во согласност со Истанбулската конвенција“ – Марта Гусар, адвокат

За борбата против родово базираното насилство најважна е информираноста, ажурноста на институциите и примената на законите. Мошне важен аспект е и примената на Истанбулската конвенција, во согласност со која треба да се направат измени на Кривичниот законик, вели адвокатка Марта Гусар, која подолго време работи на случаи на заштита од родово базирано насилство.

Во врска со случајот „Јавна соба“, адвокатката нагласува дека клучно прашање е сексуалното вознемирување на жртвите од оваа група, што понатаму отвора многу други прашања од кривичноправна и социо-психолошка природа.

„Жртвите на оваа група трпат притисоци од сексуална природа. Тие постојано се вознемирувани, се канат на дискретни средби, им се објавуваат фотографии, добиваат закани, се навредувани, изложени се на долготрајно психолошко малтретирање и на сето она што подразбира контекстот на сексуалното вознемирување“, вели адвокатката Марта Гусар.

Во тој контекст, таа образложува дека е потребно жртвите во вакви ситуации да бидат информирани како да реагираат за да ги заштитат не само своите права туку и психофизичкиот интегритет, особено што во ваквите ситуации насилничкото однесување е реална закана и факт.

Затоа, нагласува адвокатката, од аспект на постапката, потребно е жртвите првенствено да ги пријават имињата и телефонските броеви на лицата што ги вознемируваат во полициска станица.

„Тука веќе се работи за родово базирано насилство и МВР може и треба веднаш да реагира. Значи, ова е таа првична законска постапка која треба да се иницира за да може да се даде институционален одговор на ваквите случаи“, нагласува Гусар.

Би сакала да нагласам, додава адвокатката, дека правната едукација во однос на ваквите случаи мора да биде во поширок општествен контекст, со примарен акцент на надлежните институции. Потребни се обуки и за полициските службеници и за обвинителите за да може да се даде усогласен и ефективен одговор.

„Не е проблемот во законските решенија колку што е проблемот во примената на законските решенија и функционалноста на системот, во таа смисла. Кога една жртва ќе дојде во полициска станица, потребно е да наиде на добро подготвени полициски службеници, кои доследно ќе постапат во конкретниот случај. Практиката говори дека има слабости во овој дел, но тоа никако не треба да биде обесхрабрување, напротив тоа значи дека треба веднаш да се реагира за да се создаде целосна доверба во системот, со што жртвите ќе бидат уверени дека не се сами“, образложува Гусар.

Адвокатката упатува и на важноста на Истанбулската конвенција и на потребата од хармонизација на законодавството со оваа конвенција, која меѓу другото го предвидува и демнењето како кривично дело, но исто така го третира и економското насилство врз жените како нарушување на човековите права. За некои дела, додава Гусар, кои се предвидени во Истанбулската конвенција, која кај нас е ратификувана, може да се применат одредбите од овој важен меѓународен акт за заштита од родово базираното насилство.

„Механизмите на Конвенцијата се структурирани така што даваат најадекватен одговор на заштита. Од тие причини одредбите од оваа конвенција во конкретни случаи треба директно да се применуваат, сѐ додека нема законски измени во согласност со Конвенцијата. Самата ратификација дозволува и примена доколку постои можност за тоа. Измените на Кривичниот законик, пак, треба да се прават во согласност со целта и содржината на оваа конвенција“, подвлекува адвокатката Марта Гусар, која имаше и свое обраќање на протестниот марш „Јавна соба е кривично дело“.

Протестен марш: Јавна соба е кривично дело

Казна затвор до три години за кривичното дело „Демнење“ како нова законска измена

Пендаровски за случајот „Јавна соба“: Одговорност мора да има во најкус можен рок

Платформата за родова еднаквост: Скандалозен однос на Обвинителството кон кривичните дела од „Јавна соба“

М.В