Измени на повеќе закони од областа на управувањето со отпадот
Министерството за животна средина и просторно планирање подготвува измени на Законот за пакување и отпад од пакување, на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.
При анализата на состојбата со управување со отпадот од пакување во Република Македонија, посочуваат од Министерството, беше увидено дека е постигнато делумно исполнување на националните цели за собирање и преработка на отпадот од пакување, пропишани во Законот за управување со пакувања и отпад од пакување.
Главната цел на Законот за пакување и отпад од пакување е разграничување на одговорностите помеѓу чинителите во постапувањето со отпадот од пакување и воспоставување на ефикасен систем за управување со овој тек на отпад, со кој ќе се овозможи постигнување на целите утврдени во Законот на ефикасен начин.
Делумно исполнување на националните цели, додаваат од Министерството, особено има со управувањето со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и со електронската и електричната опрема. Оттука, главната цел и на овие законските измени е воспоставување на ефикасен систем за управување со отпадот од батерии и акумулатори и со електронската и електричната опрема.
М.В