/ Прочитано:

1.970

Измени на повеќе закони со кои УЈП ќе може да врши контрола на пресметките на платите во јавниот сектор

Група пратеници од владејачкото мнозинство предлагаат измени на Законот за Управата за јавни приходи, на Законот за даночната постапка и на Законот за вработените во јавниот сектор и на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Предложените измени во овие закони се однесуваат на Електронскиот систем за управување со човечките ресурси и можноста Управата за јавни приходи да врши контрола на ажурноста на регистарот на вработените во јавниот сектор преку контрола на месечните пресметки за интегрирана наплата.

„Покрај другите надлежности, Управата за јавни приходи врши контрола на месечните пресметки за интегрирана наплата. Со Законот за вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација воспоставува и води регистар на вработените во јавниот сектор преку Електронскиот систем за управување со човечките ресурси. Податоците во регистарот се од исклучителна важност за следење на состојбите во повеќе од 1.300 институции на јавниот сектор. И по две години од воспоставувањето на овој регистар институциите на јавниот сектор не ги пополнуваат и не ги ажурираат податоците во него. Еден од модулите во овој електронски систем е модулот за пресметка на плати. Овој модул треба да обезбеди огромна заштеда на средства (секоја институција годишно плаќа повеќе од 1.000 евра) затоа што во моментот секоја институција, освен оние малобројни институции кои земаат плата со пресметка од СОЗР, плаќаат и користат одделни системи за пресметка на плати. Со цел да се обезбеди целосна искористеност и функционалност на ИСУЧР, но и да се спречи користење на други системи за таа цел, со предложените законски решенија на Управата за јавни приходи ѝ се дава надлежност преку овој систем да врши контрола на месечните пресметки на интегрирана наплата. Со тоа сите институции ќе мора да ги внесат сите податоци во регистарот и да почнат да го користат модулот за плати, односно ќе престанат да користат паралелни системи“, се вели во образложението на предложените законски измени за УЈП.

Основната цел на измените на Законот за даночната постапка, исто така, е  Законот да даде законска основа за размена на податоци помеѓу УЈП и Министерството за информатичко општество и администрација.

„Во согласност со членот 9 од Законот за даноци, даночните службеници се должни да ги чуваат како даночна тајна сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночна, прекршочна или судска постапка, податоци за пронајдоци или патенти, како и сите други податоци за технолошките постапки кои ги применува даночниот обврзник и сите деловни тајни за трето лице со коишто е запознаено службеното лице. Со оглед на фактот што има потреба УЈП да разменува податоци од Електронскиот систем за управување со човечки ресурси со Министерството за информатичко општество и администрација, со овие измени се дава основа да не се смета како нарушување на оваа обврска размената на податоци со МИОА“, се вели во законското образложение.

Основната цел на измените на Законот за вработените во јавниот сектор и на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, исто така, е да се даде законска основа за размена на податоци помеѓу УЈП и институциите обврзници за пресметка и плаќање на придонесите.

„Министерството за информатичко општество и администрација има право да ги обработува податоците содржани во регистарот на вработените во јавниот сектор и има обврска  да  врши размена на податоци од својата евиденција со податоци  од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, во насока на вршење контрола  и обезбедување  на целосни, точни и навремено ажурирани податоци од страна на институциите во јавниот сектор“, се пропишува во измените на Законот за вработените во јавниот сектор.

„Обврзникот за пресметка и уплата на придонесите – работодавач од јавниот сектор во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор, е должен податоците за обврзниците за плаќање да ги усогласи со регистарот на вработените во јавниот сектор, пред поднесување на месечната пресметка“, се пропишува во предложените измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

М.В