/ Прочитано:

1.788

Измени на законите за основното и за средното образование во собраниска процедура по скратена постапка

Измени на законите за основното и за средното образование се во собраниска процедура по скратена постапка. Предложените законски измени се во врска со вирусот ковид-19 и одржувањето на наставата.

„Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование се додаваат нови одредби со кои се регулира начинот на организирањето на воспитно-образовната работа на средните училишта во услови на епидемија прогласена од заразни болести. Имено, при подготовка на овој закон се земени предвид студии на меѓународни организации, како што се: Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Меѓународната фондација на црвениот крст (ИФЦР) и истражувањата поврзани со ковид-19, според кои многу помалку се пријавуваат случаи на заболени деца отколку возрасни лица и дека инфекцијата генерално предизвикува само благо заболување кај нив. Тешко заболување заради ковид-19 ретко се забележува кај децата, иако постојат и ретки случаи на критична состојба од заболувањето. Истражувањата покажуваат дека во мал број образовни институции има случаи на заболени со ковид-19, меѓутоа, во тие студии се наведува дека пренесувањето на болеста главно се поврзува со настани каде постои социјализација во училишниот живот, а не пренесување на болеста во училниците. Студиите врз основа на статистичките податоци ја потенцираат важноста на локалната епидемиологија при одлучувањето за настава со физичко присуство, но исто така и одговорното и совесното применување на мерките за превенција од ковид-19 во самото  училиште. За повторно отворање на училиштата, се става акцент на шест димензии кои треба да се земат предвид при планирањето: политики, финансирање, безбедно работење и работна средина, безбедно учење, целосен опфат на сите ученици и добросостојба/заштита. Од друга страна, при одлучувањето за отворање на училиштата во новата 2020/2021 учебна година се зедоа предвид штетите кои може да произлезат од затворањето на училиштата (на пр.: ризик од прерано напуштање на училиштето, намалување на можноста да се обезбеди квалитетно образование за сите, посебно за учениците од семејства во ризик, зголемено семејно насилство заради економска несигурност итн.)“, се вели во образложението на предложените законски измени.

М.В