Измени на Законот за акцизите во собраниска процедура по скратена постапка
Во Собранието се предложени измени на Законот за акцизите по скратена постапка. Предлагач на измените е Владата.
„Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка, се врши усогласување со одредени одредби од Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба.
Истово е со цел да се продолжи со примена на новиот начин на пресметување на акцизата за одредени енергенти во зависност од движењето на малопродажната цена на соодветниот енергент на светските берзи и истовремено ќе се овозможи и понатаму да се користи и механизмот кој овозможува постепено враќање на постојните износи на акциза во услови на нормализирање на цените на пазарот на нафтени деривати, а кои се веќе воспоставени со донесувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба и која се применуваше за време на траењето на вонредната состојба и притоа се применува и седум месеци од престанокот на траењето на вонредната состојба.
Исто така, со изедначувањето на акцизата на гасното масло за греење со акцизата на гасното масло кое се користи како погонско гориво и понатаму ќе се оневозможи злоупотребата на користењето на гасното масло за греење спротивно на неговата намена. Воедно, ќе продолжи и примената на одредбите кои се однесуваат на враќање на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата и обележаното гасно масло употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата.
Дополнително, со предложените измени и дополнувања се предлагаат одредби кои се во насока на доработување, појаснување и прецизирање на одредбите од Законот за акцизите“, се вели во законското образложение.