/ Прочитано:

1.319

Измени на Законот за авторското право и сродните права чија цел е хармонизација со европското законодавство

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права. Целта на Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, истакнуваат од Министерството за култура, е негово хармонизирање, односно доусогласување со законодавството на Европската Унија, како и создавање нормативни претпоставки за остварување на ефикасен и рационален систем на колективно управување со авторското право, односно сродните права.

„Досегашната имплементација на Законот за авторското право и сродните права покажа дека моделот утврден во постојниот Закон го отежнува функционирањето на системот на колективното управување со наметнување на несоодветни обврски, надлежности и процедури, од една страна, а од друга страна, отсуство на регулирање на прашања битни за ефикасно и соодветно колективно управување. Исто така се утврди дека е потребно Законот да се усогласи, односно да се хармонизира со: Директивата 2011/77/ЕУ за изменување на Директивата 2006/116/ЕУ за времетраењето на заштитата на авторското право и сродните права; Директивата 2012/28/ЕУ за дозволено користење на делата сираци и Директивата 2014/26/ЕУ за колективното управување на авторското право и сродните права, како и за издавања одобренија за повеќе државни подрачја за правата на користење на интернет на музички дела во внатрешниот пазар, во делот на колективното управување на авторското право и/или сродните права“, посочуваат од Министерството за култура.

Измените на Законот за авторското право беа најавени и во месец јули оваа година. Како што тогаш образложија од Министерството за култура, веднаш по донесувањето на измените на Законот за авторското право и сродните права, по вградување на новата Директива за колективно управување, Министерството за култура во согласност со ЕУ-директивите и меѓународната практика за оваа област ќе пристапи кон итно разгледување и решавање на барањата од организациите за колективно управување и другите субјекти.

„Предлог-законот во септември ќе биде испратен и на мислење/експертиза до експерти од ЕУ, надлежни за оваа област. Поддршка за измена на Законот за авторското право и сродните права, како и детални насоки на текстот на Законот, дале и неколку еминентни европски експерти во својот извештај во рамки на твининг-проектот на ЕУ ‘Зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост’, кои се појдовна основа за подготовка на усогласувањето на законот со ЕУ-Директивата за колективно управување со авторското право и сродните права“, посочија од Министерството за култура.

М.В