/ Прочитано:

514

Измени на Законот за добивка во собраниска процедура

Владата во Собранието ги поднесе измените на Законот за добивка во врска со пандемијата.

„Целта на предложените изменувања на Законот за данокот на добивка е пропишување на законски решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот ковид-19, односно поттикнување на работодавачите да исплаќаат регрес за годишен одмор во повисок износ од минимално утврдениот, како и да вложуваат средства за зголемување на здравствена заштита на вработените, можност за пренесување на загубите без обврска истите да бидат претходно покриени согласно Законот за трговските друштва,  како и пропишување на рок во кој Управата за јавни приходи е должна да издаде согласност во однос на барање за признавање како расход на амортизацијата на преостаната сегашна вредност на средствата“, се вели во законското образложение.

Предлог-законот ги содржи следните решенија:

-изменување на одредбата која ги уредува непризнаените расходи за даночни цели, односно зголемување на висината на износот за регрес на годишен одмор, којшто ќе се третира како признат расход за даночни цели;

-зголемување на износот на трошок за платени лабораториски тестови за ковид-19, којшто ќе има третман на признат расход за даночни цели;

-пропишување на рок во кој Управата за јавни приходи е должна да издаде согласност во однос на барање за признавање како расход на амортизацијата на преостаната сегашна вредност на средствата и

-укинување на условот за претходно покривање на загубата согласно Законот за трговски друштва, за обврзникот да има право да ја пренесе загубата во идните даночни периоди.

М.В