/ Прочитано:

882

Измени на Законот за државната статистика во собраниска процедура

Владата на РМ предлага измени на Законот за државната статистика. Предложените измени и дополнувања на Законот,  се вели во законското образложение, се резултат на спроведената анализа од страна на Заводот, како и на спроведеното Партнерско оценување на Националниот статистички систем во февруари 2017 година, спроведено од експерти ангажирани од Евростат, односно на дадените препораки од кои најважни се препораките што се однесуваат на потребата од промена на структурата на Советот за статистика и воведување на ново тело во државната статистика, односно Координативен комитет.

Советот за статистика претставува советодавно тело за државната статистика. Претседателот и членовите на Советот ги именува Собранието на Република Македонија. Со постоечкиот Закон е уредена и структурата на Советот за статистика. Членови на Советот се претставници на Собранието на Република Македонија, овластените носители, државните органи, научната заедница и други.

„Државниот завод за статистика, како и странските експерти оценуваат  дека е потребна промена на структурата на Советот за статистика, односно неговиот состав, со цел во Советот да доминираат претставници на корисниците, односно претставници на научната, бизнис-заедницата и други субјекти“, се вели во законското образложение.

Државниот завод за статистика, во согласност со Законот за државната статистика, е координатор на статистичкиот систем на државата. Статистичкиот систем, покрај Државниот завод за статистика, го сочинуваат: Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Институтот за јавно здравје и Управата за хидрометеоролошки работи. Оценка на Заводот, како и на странските експерти, е дека за зајакнување на координативната улога на Заводот е потребно да се формира посебно тело што ќе ги координира релациите помеѓу сите фактори во статистичкиот систем во однос на реализацијата на нивните надлежности утврдени во Законот за државната статистика и во Програмата за статистички истражувања (петгодишна). Членови на тоа тело ќе бидат претставници на овластените носители, а директорот на Заводот ќе претседава со Комитетот.

М.В