/ Прочитано:

3.073

Измени на Законот за финансиската полиција

Владата во Собранието на РМ предложи измени на Законот за финансиската полиција. Предложените измени и дополнувања на Законот за финансиската полиција, се вели во законското образложение, ги содржат следниве решенија:

Во делот на класификацијата на работни места на овластените службени лица во Управата за финансиска полиција се воведува нова категорија В на работни места: финансиски полицаец – службеник за прифат со четиригодишно средно образование, а во согласност со потребата утврдена во член 161, став 4 од Законот за кривична постапка каде што се уредуваат прашањата што се однесуваат на извршувањето дејствија за спроведување на постапка за задржување на лица од страна на службеник за прифат.

Се бришат одредби со кои е уредена надлежноста на Управата за финансиска полиција за координација, иницијатива, поднесување кривични пријави, размена на информации, организирање обуки за лицата вклучени во системот на неправилности, со цел заштита на финансиските интереси на Европската Унија како надлежностите за изготвување и доставување предлог-стратегија за заштита на финансиските интереси на Европската Унија, а во согласност со препораките од завршениот твининг-лајт проект „Поддршка за ефикасна превенција и сузбивање на измамите и нерегуларностите со фондовите на ЕУ“.

Се менува став од членот од Законот кој предвидуваше обврска за познавање на англиски јазик преку поседување на уверение од меѓународна институција или меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, со што се врши примена на Одлуката на Уставен суд бр.74/2014 објавена на 29.6.2016 година. Истиот став се менува и се преформулира.

Законот се дополнува со нови одредби со цел усогласување на статусот на финансиските полицајци со овластените службени лица вработени во Министерството за внатрешни работи, што е во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка каде што е предвидено дека: „Правосудната полиција се полициските службеници од: Министерството за внатрешни работи и припадниците на Финансиската полиција и со закон овластени лица на Царинската управа кои работат на откривањето на кривичните дела“.

Измената за зголемување и зајакнување на надлежностите на директорот на Управата се предлага со цел обезбедување независност и ефикасност во известувањето на законските надлежности. Со оглед на тоа дека станува збор за орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице, во согласност со член 4, став 2 од Законот за финансиска полиција, неопходно е одговорното лице (како единствен законски застапник на Управата) во истиот орган да ги донесува и потпишува актите што произлегуваат од работењето, како и актите неопходни за извршување на функциите на Управата.

За обезбедување на професионално, неутрално и непристрасно работење на овластените службени лица, при нивното вработување покрај тоа што се применуваат критериумите за стручност и компетентност, Законот за финансиска полиција се дополнува и со воведување на услов за реализирање на приправнички стаж, со цел зајакнување на кадровските политики.

Исто така, со Законот се врши дополнување на условите за вработување и со уште еден услов, и тоа во правец на обезбедување заштита од безбедносен ризик (ризик во согласност со член 40, став 3, алинеја 1 и 2 од Законот за класифицирани информации), така што при вработување на лице се предвидува обврска за задолжителна безбедносна проверка на лице во фазата пред потпишување на договор за работа, како предуслов за потпишување на договорот, што е во  согласност со член 35 од Законот за класифицирани информации.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавно обвинителство се предвидува да се формира посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од ова произлезе измена и во Законот за финансиска полиција, како надворешен механизам за контрола врз работата на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција, која има за цел да обезбеди непристрасност и објективност во постапувањето во случаите кога постои сомнение дека се сторени кривични дела од страна на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција, а со тоа и поголема заштита на човековите права и слободи. Покрај тоа, потребата од постоење на независни, ефикасни механизми за контрола на работата на лицата со полициски овластувања произлегува од барањата на Европската конвенција за човекови права и нејзиното прецедентно право, наодите на Европскиот комитет за превенција од тортура, мислењето на комесарот за човекови права на Советот на Европа во однос на независното и ефикасно одлучување по жалбите против полицијата и другите меѓународни стандарди.

М.В