/ Прочитано:

1.583

Измени на Законот за градење во врска со градбите финансирани од ЕУ за потребите на гранични премини

Група пратеници од владејачкото мнозинство предлагаат измени на Законот за градење. Целта на Предлог-законот е ефикасно спроведување на постапката за издавање решение за изведба на градби за потребите на гранични премини, чија изградба е финансирана со средства од Европската Унија или друга меѓународна организација.

Законските измени се во врска со одредбите во Законот за градење со кои е утврдена постапка за издавање решение за изведување на градби, односно поставување на опрема која се спроведува за одредени видови градби и опрема за градби за кои со оглед на нивната специфичност не се издава одобрение за градење, а во соодветна постапка дефинирана во членот 74 од Законот за градење се спроведува постапка за издавање решение.

Имено, со предложената измена како вид на градби за кои ќе се издава решение се предвидуваат градби за потребите на гранични премини, чија изградба е финансирана со средства од Европската Унија или од друга меѓународна организација од причина што се работи за посебен вид градби кои зафаќаат дел од територијата на Република Македонија и дел од територијата на соседната држава.

Со Предлог-законот во членот 73 како градби за кои не се издава одобрение, односно се издава решение за изведување на градбите, се предвидуваат градби во функција на гранични премини, чија изградба е финансирана со средства од Европската Унија или друга од меѓународна организација.

Понатаму, со измените се предвидува решението за изведување на овие градби да го издаде Министерството за транспорт и врски, во согласност со членот 74 од Законот, а потребната документација за издавање на решението за изградба ќе се предвиди во подзаконски акт како што е уредено и за другите градби утврдени во членот 73 од Законот. Исто така, се предвидува постапката за издавање на решението за издавање на овие градби да се спроведува во писмена форма.

M.В