/ Прочитано:

3.509

Измени на Законот за инспекциски надзор во врска со стекнувањето лиценца за инспектор

Група пратеници во Собранието на РМ предлагаат измени на Законот за инспекциски надзор. Со Предлог-законот за изменување на Законот за инспекциски надзор, образложуваат пратениците, се врши измена на условите за инспекторите во поглед на полагањето на стручниот испит за инспектор.

Измените на Законот се однесуваат на лиценцата за инспектор. Според сегашното решение, услов за полагање на испит за инспектор е кандидатот да има најмалку пет години работен стаж во соодветната област на инспекциската служба по дипломирање. Со измените се предлага кандидатот да има една година работен стаж.

„Имено, инспекторатите и инспекциските служби се соочуваат со недостиг од кадар, а во согласност со тоа немаат можност навремено да ги вршат инспекциските надзори и да претставуваат коректив во вистинска смисла на закон.  За полагање на стручниот испит за инспектор е потребно лицето, односно инспекторот да има најмалку 5 години работен стаж во соодветна инспекциска служба за да има можност да го полага стручниот испит за инспектор. Небулозна е ситуацијата дека само лицата кои ќе бидат вработени на најниското ниво во инспекциските служби по 5 години стекнуваат право да полагаат стручен испит. Постојат случаи и искуства каде што има соодветни кадри кои работното искуство го стекнале во истата област, истото е и повеќе од 5 години, имаат статус и на раководни лица во јавниот сектор, но во сектор, одделение или служба која не е инспекциска, па во согласност со тоа на истите им претставува бариера за полагање на испитот за инспектор, иако имаат знаење и искуство коешто можеби е и поголемо од оние кои го исполнуваат или го исполниле условот за полагање“, се вели во образложението.

М.В