/ Прочитано:

3.389

Измени на Законот за извршување: Целосно изземање од извршување на корисниците на помош

Владата поднесе во Собранието Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за извршување, по скратена постапка.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, се вели во законското образложение, е одраз на општествените потреби и реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми,  но и на социјално ранливите групи на лица, кои не по своја вина не се во можност да ги намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само лична туку и на нивните семејства.

„Целта на измените на Законот за извршување е олеснување на финансиската состојба на  граѓаните на Република Северна Македонија, и истите се  во насока на целосно изземање од извршување на корисниците на помош согласно прописите од социјална заштита,  Законот за заштита на децата и прописите  за социјална сигурност за старите лица. Водејќи сметка и за социјално ранливите групи, законот предвидува смалување на паричните износи кои може да се зафатат со присилно извршување за лицата приматели на просечна плата и пензија, децата корисници на семејна пензија, како и хранителските семејства кои згрижуваат деца, од 1/3 на 1/5 од платата, пензијата, односно надоместокот. Се очекуваат големи придобивки од  социјален  карактер за наведените категории на социјално-економски план.

Предложените измени и дополнувања на Законот за извршување  се во насока на начелото за заштита на личноста, достоинството и интересите на должниците и на нивните семејства“, се посочува во образложението на Предлог-законот. 

Законското објаснување на предложените измени

„Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување  содржи 4 члена.

Со членот 1 целосно се изземаат од присилното извршување примањата на граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита,  примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица.

Членот 2  ги  дополнува ограничувањата на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата  за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување  на згрижувачко семејство, како и  за децата корисници на семејна пензија.

Членот 3 предвидува  примена на законските одредби и за веќе започнатите извршувања, со оглед дека овој закон е поповолен за граѓаните и е во склад со членот 52 став 4 од Уставот на Република  Северна Македонија.

Членот 4 ја уредува примената на законот.“

М.В