/ Прочитано:

1.452

Измени на Законот за јавен долг чија цел е подобрување на управувањето и транспарентноста на јавните финансии

Група пратеници од владејачкото мнозинство предлага закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг по скратена постапка. Целта на предлог-законот е доуредување на законските решенија со предвидување законски одредби во кои ќе биде регулиран процесот како Владата да го подобри управувањето и транспарентноста на јавните финансии.

„Со предложените измени и дополнувања ќе се овозможи да се создадат законски услови за подобрување на фискалната транспарентност преку вклучување посеопфатни податоци за долгот на јавните претпријатија и потенцијалните обврски во стратегијата за управување со државниот долг на Владата и да постои информирање за заостанатите долгови. Забрзување на преодот кон известување според Европскиот систем на сметки (ЕСА) 2010 и да продолжи со фискалните известувања. Да се зајакне контролата врз гарантираните и негарантираните задолжувања на јавните претпријатија и општините“, се вели во законското образложение.

Со предложените законски измени се предвидува Годишниот извештај за управување со јавниот долг да се разгледува и усвојува од страна на Собранието на Република Македонија, а со цел, како што се вели во образложението, да се подобри управувањето и транспарентноста на јавните финансии, а воедно и практикување поригорозна фискална дисциплина и подобрување на фискалната транспарентност.

Исто така, во предлог-законот се пропишува и изрекување глоба за сторен прекршок, доколку јавното претпријатие или трговското друштво, носител на јавен долг, не го достави извештајот до Собранието на Република Македонија. Глобата е во износ од 50.000 до 100.000 евра во денарска противвредност.

М.В