/ Прочитано:

1.340

Измени на Законот за јавен долг

Владата на РМ поднесе измени на Законот за јавен долг во Собранието на РМ.  Со Законот за јавен долг се уредува управувањето со јавниот долг, намените на државниот долг, постапката и начинот на задолжување, постапката на издавање, сервисирање и престанување на државни гаранции, како и информирањето за јавниот долг.

„Законот ги предвидува надлежностите, мерките и ограничувањата во управувањето на долгот, а воедно осигурува негово следење, управување и навремено сервисирање.  Согласно постојното законско решение, во јавниот долг на Република Македонија не беше вклучен негарантираниот долг на носителите на јавен долг, додека политиката за управување со јавен долг претставуваше дел од фискалната стратегија. Исто така, Законот за јавен долг не содржи лимит, односно ограничување на максималниот износ на задолжување кое може да се направи во текот на една фискална година. Во рамки на секојдневната примена на Законот за јавен долг констатирана е потреба за измена, доработување и/или прецизирање и на други одредби од законот, со цел нивно усогласување со реалните состојби, меѓународната пракса и препораките од меѓународните финансиски институции“, се вели во законското образложение.

Измените што се предлагаат произлегуваат од потребата за усогласување на Законот за јавен долг со меѓународната пракса и подобрување на системот за управување со јавни финансии и јавен долг.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на законот. Основните решенија на предложениот закон се: унапредување на процесот на управување со јавен долг; изработка на стратегија за управување со јавен долг; утврдување на лимит за максимално задолжување на државата во текот на една фискална година; подобрување на системот на издавање на согласности за задолжување без и со државна гаранција и подобрување на процесот на он-лендинг задолжување.

М.В