Измени на Законот за класифицирани информации во согласност со препораките на Прибе
Во Законот за класифицирани информации, постапката за проверка при обезбедување на безбедносен сертификат е долготрајна и потребно е скратување на роковите, се вели во измените на овој закон кој ги објави Министерството за одбрана. Измените, додаваат од Министерството, се во насока на усогласување со Законот за следење на комуникации, Законот за кривичната постапка и новиот Закон за оперативно-техничка агенција.
„Со Предлог-законот за дополнување на Законот за класифицирани информации ќе се изврши ревидирање на одредбите во делот на рокот за издавање на безбедносен сертификат на лицата кои вршат надзор и контрола во спроведувањето на Законот за следење на комуникации. Промената ќе се изврши во насока на скратување на рокот за безбедносната проверка на лицата кои вршат надзор и контрола во спроведувањето на Законот за следење на комуникации во времетраење од 30 работни дена од денот на поднесување на барањето за спроведување на безбедносната проверка“, се вели во законското образложение.
Во Законот за класифицирани информации, во членот 51 се уредува постапката за спроведување на безбедносната проверка и нејзиното времетраење за различните видови безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации. Во членот 51 постапката за спроведување на безбедносна проверка трае најмногу до еден месец за безбедносната проверка од прв степен; три месеци за безбедносната проверка од втор степен; шест месеци за безбедносната проверка од трет степен.
„Во согласност со нацрт-планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеењето на правото во врска со следењето на комуникациите, утврдена е потребата од воведување на исклучок во однос на времетраењето на безбедносната проверка за лицата кои вршат надзор и контрола во спроведувањето на Законот за следење на комуникации во времетраење од 30 работни дена од денот на поднесување на барањето за спроведување на безбедносната проверка“, се посочува во законското образложение.
M.В