/ Прочитано:

2.120

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА КУЛТУРАТА: Рамноправен третман на сите уметници и стручни работници кои се стекнале со државни награди

Во Собранието на Република Макединја предложени се измени и дополнувања на Законот за културата. Измените ги предлага Владата на Република Македонија.

Со предлог-законот се создаваат нормативни основи за рамноправен третман на сите уметници и стручни работници од областа на културата кои се стекнале со републички, односно државни награди, со што се создаваат еднакви услови во остварувањето на правата од творештвото. Воедно, се придонесува кон зголемување на одговорноста и отчетноста во работата на директорите на националните установи, што е во согласност со начелото на владеењето на правото.

Со постојниот Закон за културата, уметниците кои дале особен придонес во создавањето и развојот на културата и кои се добитници на републичките, односно државните награди: „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“, за долгогодишни остварувања во културата и уметноста или за животно дело, остварија право на месечен паричен надомест од Министерството за култура во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.

Ова законско право во моментов го остваруваат 66 уметници, односно стручни работници од областа на заштитата на културното наследство и тоа во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија во претходната година, за тековната година и истиот се исплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија, преку Министерството за култура, сметано од денот на стекнувањето на правото на надоместок, па до крајот на животот.

Измени на Законот, се вели во законското образложение, се предлагаат од следниве причини:

Месечниот паричен надоместок на лицата што се стекнале со право на национална пензија не е исплатен во периодот од јануари, заклучно со јули 2017 година. Имено, во Буџетот на Република Македонија за оваа намена се предвидени средства во износ од 11.400.000 денари, а како основа за планирање на средствата е земена највисоката пензија во Република Македонија за 2015 година во износ од 38.394 денари.

Во јануари 2017 година од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија е добиен податок дека највисоката пензија исплатена во Република Македонија во 2016 година изнесува 47.873 денари. Ова предизвикува дополнителни фискални импликации во Буџетот на Министерството за култура во износ од 7.331.000 денари, а кој износ претставува разлика од одобрениот буџет планиран на износ од 38.394 денари како највисока пензија исплатена во 2015 година до 47.873 денари како износ на највисока пензија исплатена во 2016 година.

Заради надминување на состојбите со измените на Законот, се посочува во законското образложение, се предлага да се утврди месечниот надоместок да се пресметува како разлика од остварената пензија до износот од 38.500 денари, наместо како досега, износот да се пресметува како разлика од остварената пензија до највисоката исплатена пензија во Република Македонија, во претходната година, за тековната година.

„Со оглед на тоа што постојниот Закон за културата прецизираше дека со право на месечен надоместок на пензијата може да се стекнат лица кои се добитници на наградата ‘11 Октомври’, за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело, со наведената одредба, од можноста да се стекнат со право на национална пензија, беа исклучени добитниците на наградата ‘11 Октомври’ за едногодишни остварувања во уметноста, кои се добитници на оваа награда во периодот од 1959 до 1987 година.

Имајќи предвид дека и добитниците на наградата ‘11 Октомври’, која е највисоко државно признание, ја добивале за едногодишни остварувања, кои се резултат на нивното подолго уметничко творење и со тоа со своите дела се втемелиле во културната историја на Република Македонија и дале огромен придонес во развојот на културата, се предлага и тие да можат да добијат право на месечен надомест како разлика во пензијата што ја остваруваат.

Имено, наградата ‘11 Октомври’ доделена за дела остварени во текот на една година (на пример, за изработка на одредени уметнички дела, издадени публикации, реализирани ликовни изложби, одиграни улоги и снимени/режирани филмови), не значи дека добитникот само во таа година, односно само тоа дело претставува врвно уметничко достигнување на добитникот. Токму конкретното дело/а го изразува дологогодишниот труд и залагања на добитникот во одредената област од културата, иако со доделената награда му е оддадено призние само за достигнувањата во предметната година“, се вели во законското образложение.

Оттука, со предлог-законот се предлага допрецизирање на одредбата која се однесува на остварување на правото на уметниците и стручните работници од областа на заштитата на културното наследство, да се здобијат со право на национална пензија доколку се добитници на една од републичките, односно државните награди „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за областите уметност и култура.

„Со предложеното решение ќе се оневозможи натамошен нееднаков третман на оние добитници што се докажале во областа на култура и уметноста, а се добитници на наградата ‘11 Октомври’ за дела и за трудови остварени во текот на една година. Имено, со предложеното решение се очекува дека уште околу 20 добитници на едногодишна награда ‘11 Октомври’ да можат да го остварат ова право.

Со предлог-законот се утврдува обврска за директорите и за одговорните лица во субјектите на надзор, по барање на инспекторите за култура да ги обезбедат сите акти, со цел утврдување на целокупната состојба во работењето на установите и останатите субјекти кои подлежат на иснпекциски надзор од областа на културата, исто така направени се и други номо-технички подобрувања на одредбите кои се однесуваат на прекршоците“, се образложува во законските измени.

М.В