ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА: Аудио- и видеоснимање при преземање на полициски дејствија

„Во процесот на преземање на активностите за практична имплементација на членот 93-а од Законот за полиција, од страна на надлежните експерти беше укажано на потребата од допрецизирање на термините „видеоснимање“, односно „видеозапис“ со конкретно и нормативно прецизирање на ‘аудио’ сегментот, како и скратување на временскиот рок предвиден за чување на снимениот материјал во Министерството за внатрешни работи“, се наведува во предложените измени.

Тактичка полициска вежба

По речиси една година од последните измени на Законот за полиција, повторно се предлага измена на членот 93-а кој се однесува на употребата на технички средства за видеоснимање при преземање дејствија во рамки на полициските овластувања.

Имено, со членот 93-а, предвиден со последните измени и дополнувања на Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/15), се уредува можноста Полицијата да употреби технички средства за видеоснимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видеозапис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници.

„Снимениот материјал треба да овозможи унапредување на степенот на основаност на преземените дејствија од страна на полициските службеници, со цел легитимно и соодветно постапување на припадниците на Министерството за внатрешни работи при примената на полициските овластувања утврдени со Законот за полиција. Со видеозаписот на начинот на кој е преземено полициското дејствие ќе се спречи можноста од евентуални злоупотреби, односно пречекорување на овластувањата од страна на полициските службеници, односно ќе се овозможи соодветно оценување на основаноста, оправданоста и легитимноста при примената на полициските овластувања, што секако е во функција на обезбедување повисок степен на заштита на човековите права и слободи. Снимениот материјал е предвидено да се чува во Полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој е предвидено да се постапува во согласност со закон“, се наведува во членот 93-а.

Содржината на предметниот член произлегува од Проектот на Европската Унија „Градење на капацитетите на институции коишто го спроведуваат законот за соодветен третман на задржани и притворени лица“, чија имплементација ќе се овозможи преку воспоставувањето формално-правна основа во Законот за полиција.

„Во процесот на преземање на активностите за практична имплементација на членот 93-а од Законот за полиција, од страна на надлежните експерти беше укажано на потребата од допрецизирање на термините „видеоснимање“, односно „видеозапис“ со конкретно и нормативно прецизирање на ‘аудио’ сегментот, како и скратување на временскиот рок предвиден за чување на снимениот материјал во Министерството за внатрешни работи“, се наведува во предложените измени.

Донесувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција по скратена постапка имплицира донесување на подзаконски пропис, и тоа:

Правилник за типовите на технички средства кои се употребуваат за аудио- и видеоснимање од страна на Полицијата, со кој ќе се уредат типовите на технички средства кои се употребуваат за аудио- и видеоснимање од страна на Полицијата.

Во измените на членот 93-а покрај зборовите видеозапис се додава аудио- и видеозапис, а времето предвидено за чување на снимениот материјал од шест месеци се скратува на 45 дена. Покрај тоа, во членот 93-а се додава нов став 3, според кој, при користење на техничките средства за аудио- и видеоснимање од ставот (1) на овој член, полицискиот службеник е должен да го извести лицето дека преземањето на дејствието е предмет на аудио- и видеоснимање, освен доколку известувањето на лицето за употреба на аудио- и видеоснимање го оневозможува или го отежнува преземањето на дејствието во рамки на полициското овластување.

Подзаконските прописи за доуредување на Законот треба да ги донесе министерот за внатрешни работи во рок од шест месеци од стапување на сила на Законот. Законот стапува на сила од денот на објавување во „Службен весник“.