/ Прочитано:

5.546

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Правосудниот испит ќе се полага усно и писмено пред стручна комисија

Министерството за правда започна со најавените измени на Законот за правосудниот испит. Основната цел на законските измени, велат од Министерството за правда, е воведување усно и писмено полагање на правосудниот испит пред стручна комисија, врз основа на мерливи и објективни критериуми за процена на знаењето на кандидатите.

„Исто така, со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит се врши негово усогласување со насоките содржани во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во однос на укинување на електронското полагање на стручните испити“, додаваат од Министерството за правда.

Инаку, во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор се истакнува дека стручните испити, како што се: правосудниот, нотарскиот, извршителскиот, медијаторскиот итн., се полагаат по електронски пат, што не дозволува соодветно оценување на квалитетот на лицата што полагаат.

„Општ заклучок на целокупната стручна јавност е дека испитот за влез во правничката професија, особено во областа на правосудниот сектор, е недозволиво и сосема нецелисходно да се спроведува без кандидатот вербално да ги искаже своите знаења и да ги покаже своите говорнички вештини. Исто така, студии на случај од ниту една правна област не може да се решаваат на компјутер“, се нагласува во Стратегијата.

Правосудниот испит не овозможува проверка на практичните вештини, укажаа во своите истражувања и од Македонското здружение на млади правници. Целта на правосудниот испит, нагласуваат младите правници, е проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници за самостојна примена на прописите. Според тоа, испитот треба да биде дизајниран на начин што ќе може да провери дали дипломираниот правник располага со знаења и вештини за самостојно да ги извршува правничките професии за кои како услов е определен правосудниот испит.

При донесување на измените на Законот за правосудниот испит со кој се предвиде електронското полагање на правосудниот испит, реагираше и стручната јавност, за која не беше прифатливо правосудниот испит да се полага електронски.

Говорниот дел, предупредуваа универзитетските професори, судии и адвокати, не може да се изостави,  правото не е пишана наука. Преку правосудниот испит мора да се испита елоквентноста, начинот на изразување и затоа и мора да има устен дел.

„Да се биде правник, особено адвокат, подразбира умешност за вербално изразување, ораторски способности, комуникациски вештини, аналитичност, одвојување на она што е битно од небитно и способност за фокусирање на битни делови од текст, случај, ситуација. Системот на заокружување е систем на препознавање, систем на снаоѓање, а понекогаш и систем на среќа, кој не гарантира знаење и разбирање на материјата“, беа дел од коментарите на стручната јавност.

ИЗМЕНИ ВО НАЧИНОТ НА ПОЛАГАЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Да се биде правник подразбира и умешност за вербално изразување

Барање за автентично толкување на одредба од Законот за правосудниот испит за која Владата дава мислење дека е јасна и прецизна

 СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР

Ставовите и предизвиците на младите правници и студентите по право за правничкото образование, приправничкиот стаж и правосудниот испит

М.В