Измени на Законот за придонеси: Управителите и извршните членови на одбор на директори ќе плаќаат придонеси
Вторник, 28 мај 2013 – Измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување што се во фаза на прво читање во Собранието предвидуваат придонеси да плаќаат извршни членови на одбор на директори, членови на управни одбори, како и управители во фирми.
„Согласно податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, од 58.672 управители, 10.636 или 18% немаат М1 Образец, односно не се вработени во фирмата во која управуваат ниту во друга фирма/институција, од 386 извршни членови на одбор на директори, 76 или 19,7% немаат М1 Образец, додека од 820 членови на управен одбор 288 или 35,1% немаат М1 Образец. Овие лица работат согласно договор за управување и не се обврзници за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување. Оттука произлегува потребата од измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и дефинирање на извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво како обврзник за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување“, се наведува во анализата на предложениот материјал.
Измените на Законот предвидуваат, основица за пресметка и плаќање на придонеси да биде плата, односно месечен надомест утврден во договорот за уредување на односите меѓу друштво и извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво, кој задолжително се доставува до Управата за јавни приходи.