Измени на Законот за сопственост за либерализација на прометот на недвижности и стекнувањето на стварни права на странци
Министерството за правда подготвува измени на Законот за сопственост и други стварни права. Основната цел на законот е либерализација на прометот на недвижности и стекнувањето на стварни права на странци.
„Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за сопственост и други стварни права се создава основа за либерализација на прометот на недвижности и постигнување на конзистентност во делот на стварните права на странците“, образложуваат од Министерството.
Со Законот за сопственост и други стварни права се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.
Право на сопственост, се пропишува во законот, можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.
Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на сопственикот и на заедницата.
Во Законот за сопственост и други стварни права во делот за стварни права на странски лица се пропишува дека одредбите на овој закон се применуваат и на странски физички и правни лица, освен ако со закон или меѓународен договор поинаку не е определено.
Како странско физичко лице, според овој закон, се смета она физичко лице кое нема државјанство на Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.
Како странско правно лице, според овој закон, се смета она правно лице кое има регистрирано седиште надвор од територијата на Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.
Странско лице не може да биде сопственик на недвижност која поради заштита на интересите и безбедноста на Република Македонија со закон е прогласена за подрачје на кое странски лица немаат право на сопственост, освен ако со закон поинаку не е определено.
М.В